Испечати

Чоколадни божиќни колачиња

Чоколадни божиќни колачиња

Состојки

  • 2 јајца
  • 3 лажици кафеав шеќер
  • 1 лажиче ванилин екстракт
  • 200 г растопено темно чоколадо
  • 60 г растопен путер
  • 2 полни лажици какао лешников крем
  • 1 неполно лажиче цимет
  • малку морско оревче
  • 180 г брашно
  • 1 неполно лажиче пециво

Подготовка

Овие се најубавите чоколадни колачиња кои сум ги пробала, а богами и сите кои ги пробале паѓаат во несвест од вкусотијава. Ми требаа повеќе опити, дур да ги доведам во оваа состојба, а најголем удел морам да признаам има времетраењето на печењето, кое мора да е релативно кратко, за да се задржи мекоста внатре. Направив неколку тури за празнициве и дел ги подарив, дел ги изедовме, нека има љубов насекаде. Припремата е едноставна, по 2-3 пати, нема ни да ви треба рецепт, јас од око си ги правам сега и уште поубави ми испаѓаат. Чудесни се!

Подготовка:

1. Изматете ги кратко јајцата со шеќерот, додадете го ванилиниот екстракт. Додадете ги растопеното чоколадо со путерот и кремот и измешајте убаво. Додадете ги зачините, брашното и прашокот за пециво, изматете кратко колку да се соединат. Веднаш ќе ги почувствувате убавите мириси кои ќе се шират од смесата.
2. Покријте ја смесата со најлон фолија и ставете ја во замрзнувач, околу 40 минути, за да се стврдни.
Земете поголем плех и обложете го со хартија за печење. Потребно ќе ви биде да печете на 2 пати.
Извадете ја смесата од замрзнувач. Земајте со лажиче и формирајте бомбици со големина на оревче. Редете ги во плехот на поголема оддалеченост зашто нарастуваат во печењето. 12 до 15 бомбици на едно печење.
3. Ставете веднаш да се печат во загреана рерна на 180 степени 10 минути. Во меѓувреме направете ги останатите бомбици и ако има време, ставете ги во замрзнувач да поседат пред печење.
4. После 10 минути печење, извадете ги. На допир ќе бидат меки и ќе мислите дека треба уште да се печат, но немојте. Оставете ги 1 минута и извадете ги полека на чинија, ако треба користете ноже. Ставете ја и втората тура да се печи.
5. Како што ќе се ладат, ќе видите дека однадвор фаќаат кора. Најубави се која целосно ќе се изладат (ако можете да оддолеете), надвор ќе бидат потврди, а внатре меки и ќе се топат в уста.
На здравје.