Божиќен кралски пудинг
Состојки
- 20 урми без коска
- 20 суви кајсии
- 70 гр суво бело грозје
- 70 гр брусница
- 30 гр кандиран ѓумбир
- 3 лажици виски
- 1 портокал кора и сок
- 10 лажици стопен путер
- 1 големо јајце
- 250 мл слатка павлака
- малку сол
- 150 гр исечкани ореви
- 1/2 чаша презла
- 1 и 1/4 чаша брашно
- мед за премачкување
Подготовка
Божиќниот, англиски пудинг кој традиционално се подготвува е специјалитет. Прекрасен е, без шеќер, без зачини, ама има волшебен, празничен вкус. Послужете го со сладолед, со изматена слатка павлака или по ваша желба. Да пробаме нешто и од другите традиции.
Подготовка:
1. Земете некој кружен сад, не многу голем, а да е огноотпорен. Премачкајте го со путер. Во него ќе се вари пудингот.
2. Во друг сад измешајте ги ситно исечканите урми (не ги блендирајте, така ќе се добие поинаква текстура) кајсиите, сувото грозје, брусницата, ѓумбирот, вискито, кората и сокот од портокалот. Измешајте.
3. Ставете го стопениот путер и убаво измешајте. Потоа додајте го јајцето, слатката павлака, солта, исечканите ореви, презлата и брашното. Измешајте убаво, да се добие меко, лепливо тесто.
4. Префрлете го тестото во претходно подготвениот сад и убаво со шпатула израмнете го. Одозгора, над него поставете хартија за печење и залепете ја врз тестото (претходно кружно исечете ја со потребните димензии. Над садот ставете две парчиња најлонска фолија, убаво оптегнете ја и со трето парче завиткајте го целиот сад. Над сето тоа, ставете две парчиња алуминиумска фолија, стегнете ја по краевите. Jас ставив и ластиче, да не бега, да не се отвора.
5. Ставете го садот во фрижидер, отприлика 8 часа, најубаво преку ноќ.
6. Потоа, наредниот ден одберете тенџере во кое ќе го варите пудингот, секако да може да го собери садот со тестото за пудингот. На дното ставете нешто, за да не допира садот со пудингот директно на дното. Jас ставив стапчиња за ражничи. Потоа ставете го садот во него и залијте го со вода, два прсти под врвот на садот. Ставете го тенџерето на силен оган и кога ќе почне да вари намалете ја температурата на половина и нека вари отприлика 3,5-4 часа. Одвреме навреме дотурајте вода кога ќе биде потребно.
7. После предвиденото време, внимателно извадете го садот со пудингот, отворете го и превртете го на некој тањир. Одозгора премачкајте го или со мед или со јаворов сируп. Може одма да го служите додека е топол, заедно со топка сладолед од ванила но убав е и ладен.