Сочни посни мафини со јаболка наречени 4,3,2,1
Состојки
- чаша = 180 мл
- 4 средни јаболка
- 3 чаши брашно
- 2 чаши шеќер
- 1 чаша масло
- 1 лажиче пециво
- 1 лажиче сода бикарбона
- 3 лажички цимет
- 1/2 лажиче каранфилче
- сок од 1/2 лимон
- 1-2 раце сечкани ореви
Подготовка
Еден од изборот за посни колачи, за гостите за посна слава, беше овој, чиј изворен рецепт е во форма на кекс, но јас решив дека во форма на мафини ќе е многу позгодно и полично и за гостите и за моето време, така да, состојките внимателно ги изменив и ги прилагодив, па дојдоа, барем кај мене, за точно 12 мафини.
Инаку, овој колач е од оние запишаните во тефтерите од нашите баби, а името го носи спрема бројот на состојки со кои се започнува, додека останатите се сметаат како ситни додатоци на основата.
Подготовка
1. Многу просто и едноставно. Сите состојки се мешаат со лажица. Најголем напор во сиот рецепт е да се излупат и изрендаат јаболката.
2. Со смесата полнете ги калапите за мафини на кои сте ставиле претходно хартиени корпиња и печете во загреана рерна на 200С околу 20на минути.
Имав намера, додека не ги испеков, да ги премачкам одозгора со мармалад и да посипам со ситно сечкани или мелени ореви, но кога ја видов таа прекрасна рустична кора одозгора, се премислив. Дојде баш старински колач во модерна форма. Еве, нека ви стои овде во запис како предлог.