Испечати

Распукани божиќни колачиња со чоколадо и лешници

Распукани божиќни колачиња со чоколадо и лешници

Состојки

  • За колачињата
  • 2 јајца
  • 50 г кафеав шеќер
  • 1/2 лажиче ванилин екстракт
  • 70 мл припремено инстант кафе (или чоколаден прав за во млеко)
  • 250 г темно чоколадо
  • 80 г путер
  • 200 г брашно
  • 1 лажиче пециво
  • 100 г потпечени и кршени лешници
  • За одозгора
  • 100 г кристал шеќер (измешан со канела и ванила по желба)
  • 100 г шеќер во прав

Подготовка

Прекрасни и многу заразни Божиќни снежни чоколадни колачиња! Крцкави однадвор, со мека средина, богата со чоколадо и потпечени лешници и сето тоа посипано со ‘снег’ – шеќер во прав! Додека го пишувам рецептов, половина веќе ги снема.

Подготовка:

1. Во сад додадете ги брашното и прашокот за пециво и измешајте. Заедно растопете ги путерот и чоколадото. Јајцата изматете ги со шеќерот, додадете ванилин екстракт и раствореното кафе. Јас наместо кафе, ставив инстант чоколаден прав за во млеко, зашто не го сакам вкусот на кафето во колачи. Изматете убаво, па додадете ги растопениот путер и чоколадото. На крај додадете го брашното, измешајте убаво и додадете ги потпечените и кршени лешници.

2. Смесата ставете ја покриена со најлонска фолија околу 3 часа во фрижидер. Јас ја ставив во замрзнувач околу 1 час, оти не ми се чекаше. Смесата ќе биде мека пред да се олади, не грижете се, така треба да биди, после ладењето ќе се стврдни. Потоа во еден сад ставете го кристалниот шеќер, додадете ванилин шеќер и цимет по желба. Во друг сад ставете го шеќерот во прав.

3. Извадете ја смесата од фрижидер, а рерната загрејте ја на 180 степени. Со лажица земајте од смесата и формирајте бомбица со раката. Испрпелкајте ја прво во кристалниот шеќер, па во шеќерот во прав. Редете ги бомбиците на плех обложен со хартија за печење. Немојте да ги сплескувате, самите ќе спаднат во текот на печењето. Оставајте место околу 3 цм помеѓу бомбиците зашто ќе нарастат.

Од оваа доза ќе испечете 2 помали плеха.

4. Ставете ги да се печат околу 15 минути, зависи колку сакате да се крцкави, а во меѓувреме припремете ја втората тура. Ако многу ви омекне смесата, ставете ја во замрзнувачот на кратко. После печење, оставете ги да оладат малку, па послужете се и уживајте.

Среќни празници!