Испечати

Празнична плетена погача (мека како памук)

Празнична плетена погача (мека како памук)

Состојки

  • пола коцка (20гр) Свеж квасец
  • 250 мл Млеко (млако)
  • 1 м.л. Шеќер
  • 3 г.л. Масло
  • 2 г.л. Кисело млеко
  • 1 м.л. Оцет
  • 1 Јајце
  • 1 Белка
  • 1 м.л. Сол
  • околу 600-650 гр Брашно
  • За премачкување на секоја коричка - околу 100 гр (растопен путер или маргарин)
  • За премачкување - 1 жолчка
  • За посипување - сусам

Подготовка

Мека како памук, прекрасна на изглед, превкусна за јадење, ако имате во план за празниците да си направите погача, која ќе ве воодушеви вас и вашите најмили, тогаш ова е мојот предлог за вас. Јас ја оформив на овој начин, како плетенка, меѓутоа вие ако сакате може да си ја формирате по ваша желба, најбитен секако е вкусот.

Подготовка
1. Во длабок сад го ставаме квасецот, го додаваме млекото, шеќерот и 1 г.л. од брашното. Мешаме и оставаме да се активира квасецот околу 10-на минути.
2. Во стасаниот квасец сега ги додаваме киселото млеко, маслото, 1-то јајце плус белката, оцетот, солта и на крај го додаваме брашното постепено, до замесување на средно меко нелепливо тесто.
3. Тестото го покриваме со крпа, го ставаме садот во најлонче и го оставаме на топло место да стаса.
4. Стасаното тесто го делиме на 12 исти топчиња (кои тежат по околу 90гр). Од секое топче, на набрашнета работна маса, расукуваме коричка како за стандардни кифлички, ама подолга. Откога ќе завршиме со сите 12 топчиња, ги покриваме коричките, за да не се исушат, и сега почнуваме од првата коричка, која ја премачкуваме со растопен путер или маргарин и ја роловаме како ролатче. Должината на секое ролатче е 30 цм. Постапката е иста со сите останати 11 корички. Од добиените ролатчиња 4 ги премачкуваме со растопениот маргарин и ги увалуваме во сусам, убаво од сите страни, останатите 8 остануваат исти.
5. Сега почнуваме со формирање на погачата. На работната маса ставаме мрсна хартија за печење, врз неа од левата страна ставаме 3 ролатчиња (2 без сусам, 1 со сусам, тоа со сусам е во средина), и од десната страна на мало растојание помеѓу ставаме на истиот начин 3 ролатчиња.
6. Сега трите ролатчиња од десната страна ги превиткуваме нагоре, превиткувајќи ги кај средишниот дел, на тоа место ставаме 3 ролатчиња (исто 2 без сусам, 1 со сусам), па врз нив ги враќаме превитканите 3 ролатчиња.
7. Истата постапка е и со 3-те ролатчиња од левата страна, ги превиткуваме нагоре, превиткувајќи ги кај средишниот дел, на тоа место ставаме 3 ролатчиња (исто 2 без сусам, 1 со сусам), па врз нив ги враќаме превитканите 3 ролатчиња (видете дополнителни слики).
8. Сите краеви ги спојуваме и ги свиткуваме навнатре. Формираната погача ја покриваме со крпа, нека стаса. Откако ќе стаса, делчињата без сусам ги премачкуваме со жолчката со помош на силиконска четка.
9. Печеме во загреана рерна на 180 степени, до заруменување (јас печев 50 минути). Испечената погача ја премачкуваме со растопен путер или маргарин, нека олади малку врз решетка, па ја послужуваме.

Забелешка - Јас користев тавче број 24.

На здравје!