Божиќни колачиња со фондан
Состојки
- 200 гр брашно
- 1/2 лажиче пециво
- 1паковка чоко пудинг
- 100 гр шеќер
- 1 ванила
- 1 јајце л
- 125гр путер или маргарин
- 250гр фондан во разни бои
- 6 разни форми за вадење на колачите
Подготовка
Доаѓаат убави празници, денови кога сите сакаме да подготвиме нешто слатко, нешто што ќе ги воодушеви нашите најблиски. Како и секоја година така и оваа направив убави мешани колачиња, кои ги пакувам во мали паковања и ги подарувам на блиските личности, на колегите, на моите и на колегите на мојата ќерка. Едноставно, уживам во овие мигови, боејќи, моделирајќи.
Подготовка:
1. Ги замесив колачињата во длабок сад. Ги ставив сите состојки и почнав со месење. Иако путерот ми беше на собна температура, требаше малку повеќе време да се размеси и да се упијат сите состојки.
Готовата смеса ја оставив многу кратко во фрижидер, а потоа на работна маса, попрскав многу малку брашно, па ја расукав кората.
2. Со калапи ги вадев фигурите и ги редев на хартија за печење. Печев многу кратко, колку да се поруменат.
3. Откако ги испеков сите колачиња ги оставив да изладат, па продолжив со декорација. Фонданот го расукав, па вадев со калапи посакувани форми. Внимателно, со алат и вешти раце, малку по малку, им ја правев формата.
4. Готовите колачи, како и претходно подготвените, ги разредив во готови кесички за божиќни колачи, па ги украсив со декоративна лента и лампион. И оваа година доловивме насмевки на нечие лице. Ако сакате и вие да му направите некому убав празник, тогаш на лесен и евтин начин направете им ги колачиве.
На здравје и среќни празници.