Испечати

Варени путер кифли

Варени путер кифли

Состојки

  • околу 650 гр Брашно (просеано) + 20 гр за набрашнување на раб.маса.
  • 200 мл Млеко (млако)
  • 200 мл Вода (млака)
  • 8 гр Квасец (сув)
  • 1 м.л. Шеќер
  • 2 м.л. Сол
  • 70 гр Путер (растопен)
  • За варење на кифличките
  • 1 л Вода
  • 1 м.л. Шеќер
  • За премачкување после печење - 1 г.л. растопен путер.

Подготовка

Мислев дека досега ви ги имам презентирано овие кифли, меѓутоа ете сум немала прилика досега за тоа, имајќи предвид дека ги снемува веднаш, па затоа и не дочекале да ги сликнам и објавам. За љубителите на овој тип на пецива, слични како варените ѓевречиња, однадвор крцкави, внатре меки, превкусно пециво кое ќе ви го исполни домот со прекрасен мирис.

Подготовка
1. Најпрво во длабок сад ги ставаме квасецот, шеќерот, 1 лажица од брашното и водата. Мешаме да се раствори квасецот и шеќерот. Оставаме 10-на минути да се активира квасецот.
2. Потоа во садот ги додаваме млекото, растопениот путер (млак), солта и на крај го додаваме постепено брашното, до замесување на глатко нелепливо тесто. Го покриваме садот, го оставаме тестото да одмори 15 минути, па на набрашнета работна маса го премесуваме. Пак го покриваме тестото и го оставаме да стаса, односно да го дуплира волуменот.
3. Стасаното тесто го делиме на 12 исти делови (секој дел тежи околу 90-95 гр), кои на набрашнета работна маса ги формираме во топчиња. Оформените топчиња ги редиме во набрашнет сад, ги покриваме со чаршафче, нека одморат 10 минути.
4. Почнувајќи од првото топче, на набрашнета работна маса, го расукуваме што потенко и го завиткуваме како ролатче. Во меѓувреме ги покриваме, за да не се потсушат.
5. Во тенџере ја ставаме водата и шеќерот, нека зоврие и почнувајќи од првата кифла ги ставаме кифлите една по една на 10 секунди. Ги вадиме со голема лажица со дупки, и веднаш ги ставаме во плех за печење (врз хартија за печење). Печеме во загреана рерна на 200 степени (до заруменување).
6. Испечените кифли ги премачкуваме со 1 г.л. растопен путер, ги покриваме со чаршафче 10-на минути, па ги дегустираме.

Забелешка - За посна варијанта користете само вода, и наместо путер ставете маргарин.

На здравје!