Испечати

Посни мантии со готови кори

Посни мантии со готови кори

Состојки

  • 500 гр готови кори
  • 400 мл вода
  • 1 пакетче сув квасец
  • 100 мл масло
  • 1 лажица шеќер
  • 1 лажиче сол
  • 6-7 лажици брашно

Подготовка

Рецептот е одличен за оние кои се кнап со времето, но и за оние кои не се многу вешти во сучење тесто. Јас ги направив со полнење од испржен расол, но секако дека може полнењето да биде различно, по ваш вкус.

Подготовка:

1. Најпрво ситно исечканиот расол испржете го на малку масло и зачинете го со бибер. Нека се олади.
2. Отворете ги корите и пресечете ги на 4 дела. За секоја мантија потребни ви се по две веќе пресечени парчиња.
3. Квасецот растворете го во млаката вода, додајте го брашното, шеќерот, солта и маслото и оставете го десетина минути на страна.
4. Сега земете едно парче од корите, премачкајте го со четче од смесата, ставете врз него уште една кора и премачкајте ја и неа. На средина ставете од зелката, преклопете го од лево и од десно и завиткајте во ролат.
5. Мантиите редете ги на подмачкана тепсија. Големината на тепсијата сами одберете ја во зависност од тоа со колку кори ќе работите. Од една кора излегуваат две мантии.
6. Кога се сите готови и наредени, премачкајте ги со смесата и одгоре, наросете ги со сусам и печете ги во загреана рерна на 200 степени се додека убаво не заруменат.
7. Кога ќе ги извадите од рерната премачкајте ги со четче со малку масло и прекријте ги со крпа.