Кора со праз и киноа
Состојки
- 400 гр готови кори
- 1 страк праз
- 1 голем морков
- 1 филџан зејтин
- 10 лажици киноа
- 1 лажиче сол и црн бибер по вкус
Подготовка
Подготовка:
1. Празот го миеме и го сецкаме на ситно. Морковот го ставив во сецкото и него убаво го исецкав на ситно. Можете и да го изрендате. Киноата ја ставив да се свари, па ја процедив од водата.
2. Во тавче на оган со масло, го додадов празот, па посолив. Пржев додека да се запржи, па го додадов морковот. Промешав и поклопив со капак, на тивко да се попржи, повремено промешувајќи.
Кога е готово, го тргнав од оган, ја додадов киноата, па посолив повторно и зачинив со свежо мелен црн бибер. Филот е готов.
3. Купив готови кори. Овој пат корите малку ме зезнаа. Јас ги планирав како за баклава тенки и долги кори, но во паковката испаднаа само три подебели округли кори. Тогаш морав да се снајдам на друг начин, па ја растегнав кората на работната маса, ја попрскав убаво со зејтин, па од филот распрскав насекаде по површината. Полека ја извиткав како ролат цела кора, па затоа што беше дебелка и голема, ја пресеков на два дела.
4. Тавчето го подмачкав со масло, па ги легнав корите една до друга. Така направив и со останатите две кори. Ги исеков како за баклава, на коцки, па ги попрскав малку со вода и ги ставив во загреана рерна.
Ги оставив да покрчкаат малку, а после 10 минути ја намалив рерната на 160 степени и оставив подолго да се попече.
5. Готовата кора ја извадив од рерна и ја попрскав со вода. Ја покрив со кујнска крпа и оставив да постои, да одмори. Сервирав со кисело млеко.Можете и со ајран.
Забелешка
Можам да ви забележам дека оваа кора според мене е преубава и кога е ладна.
Значи можете да ја искористите и за другиот ден,не мора само за денот кога ја спремате.
На здравје