Крокамбуш или профитерол колач исполнет со крем 1900 Јубилеен рецепт (Croquembouche o Tarta de profiteroles rellenos de crema)
Состојки
- профитероли
- 4 јајца, големина Л
- 150мл вода
- 100мл млеко
- 150гр брашно
- 2гр сол
- 5гр шеќер
- 100гр путер
- свилен крем
- 500мл млеко
- 1 јајце
- 3 жолчки
- 1 кесе желатин +2лажици вода
- 100гр шеќер
- 1 ванила
- 45гр густин
- 200мл слатка павлака
- 1-3лажици шеќер во прав
- состојки за карамел, лепак
- 200гр шеќер
- 150мл вода
- 1лажица мед
- 1лажиче сок од лимон
- конус за редење, висок 25-30 цм
Подготовка
Крокамбуш е класична свадбена торта од Франција. Неговото име доаѓа од звукот што го создаваат профитеролите кога се загризуваат. Крокамбушот датира од 18 век, популаризиран од француското благородништво на нивните најславни собири, како што се причестите и свадбите.
Неговото потекло се должи на тоа што секој гостин носел профитерол, за да се направи кула, каде традицијата налагала колку поголем десерт, толку е поголема благосостојбата и просперитот на заедничкиот живот на младиот брачен пар, вклучувајќи и многу деца.
Дури во средината на 1800-тите, францускиот готвач Антонин Кареме направил крокамбуш како што е познат и денес.
Неговата подготовка главно се состои од натрупување на профитероли, познати и како петисус, полнети со сладок крем .
Овој фил може да варира во зависност од земјата во која се прави, некои користат чоколадо, ванила.
Можете да додадете детали на тортата како цвеќиња или бонбони .
Карамелните нишки што го опкружуваат се она што му го дава името Croque (крцкаво) и bouche (уста).
Па еве за овој мој голем јубилеј , подготовка на овој десерт во мојата кујна, кој има баш празничен изглед.
Тука ќе ја изразам мојата благодарност до тимот на МР, за секојдневната дружба, благодарност до сите почитувачи, читачи на моите рецепти..
Без сите вас, без вашата подршка сигурно волку долго не би се задржала на странава.
Јас сум среќна што имам толку многу следбеници на моите рецепти, се надевам дека тоа го оправдувам со моето секојдневно споделување рецепти тука, подготвени во мојата кујна.
Подготовка на профитеролите
1. Во тенџере ги ставаме водата, млекото, солта, шеќерот и сечканиот путер, го вклучуваме огнот на средна температура и чекаме да зоврие. Во тој момент го додаваме брашното одеднаш и мешаме со дрвена лажица, додека не се формира топка и тестото изгледа мазно. Малку мешаме и чекаме неколку минути, додека малку да подизлади тестото.
2. Потоа лесно матиме 2 јајца со вилушка и ги додаваме во тестото, ги соединуваме, мешајќи без престан. Продолжуваме со додавање на останатите јајца на ист начин, додека гледаме дека тестото е многу мазно. Ќе знаеме дека е готово, кога ќе подигнеме малку тесто и ќе го испуштиме и ќе гледаме како се формира клун од патка на крајот од лажицата.
3. Тестото го ставаме во кеса за пециво со мазна млазница. Ставаме рамен плех со хартија или нелеплива основа, формирајќи мали профитероли од тестото. Штом се готови, го намокруваме врвот на прстот во вода и го притискаме врвот што останува на секој профитерол.
4. Ги печиме во рерна загреана на 200ºС. Печеме на 200ºC, 10 минути, а потоа без да ја отвориме вратата ја намалуваме температурата на 180º и продолжуваме со печењето уште 15 до 20 минути (кога ќе видиме дека се добро зарумени, ги вадиме од рерната.
5. Подготовка на кремот - Желатинот го хидрираме во ладна вода. Во тенџере ги ставаме состојките, 3-те жолчки и целото јајце, шеќерот, млекото, пченкарниот скроб и ванила. Убаво мешаме и потоа го ставаме на оган и без престан мешаме. Вариме додека не почне да се згуснува и го додаваме желатинот во кремот. Мешаме, додека не се соедини, го покриваме со најлонска фолија кремот и го оставаме целосно да се излади.
7. Слатката павлака ја матиме, малку по малку, го додаваме шеќерот во прав, кој и не е задолжителен, и продолжуваме со матење додека не се полуизмати. Сега ја додаваме, малку по малку, во ладниот крем, внимателно додека не се соедини, Кремот го ставаме во кесичка за пециво и ги полниме профитеролите со кремот. Погодно е сите профитероли претходно да имаат дупка во основата, за да може да се полнат.
8. Подготовка на карамела - Шеќерот, водата и медот ги ставаме во тенџере, малку мешаме и чекаме да се добие светло руса карамела или да достигне 165ºC, ако имаме карамел термометар. Го тргаме од оган и го оставаме така да отстои една минута, за да го имаме подготвен за употреба. Доколку ни треба повеќе карамела. правиме повеќе на ист начин.
9. Склопување на тортата од профитероли - Формираме корнет и ако сакате да го отстраните, откако ќе се подготви колачот, погодно е да го попрскате со масло за прскање. Јас го обложив со хартија за печење. Го ставаме на рамна подлога, започнуваме со потопување на секој профитерол во карамелата, внимавајќи да не се изгориме, бидејќи карамелот мора да биде топол. Ставаме профитероли околу основата на хартиениот корнет, продолжуваме да формираме редови од профитероли, потопени со карамела од страните, за да се залепат и од долниот ред, додека целиот конус не е добро покриен со профитероли.
10. Доколку во текот на процесот се олади карамелата, се враќа на тивок оган, додека повторно не стане течна. Вишокот карамела ќе ја оставиме да падне, во форма на конци, на сите профитероли, да бидат добро покриени. Чекаме додека карамелот не стане цврст, за да се префрли колачот во сад за сервирање Го украсуваме по наш вкус.
*Зебелешка - Ако има влажна клима подобро е да ја формирате тортата кратко пред да ја послужите, бидејќи карамелата, при поголема влажноста многу брзо се топи.
Кога ја правев врнеше неколку дена и карамелата од конците се стопи многу брзо.
Без успешни ми беа 3,4 обиди да ја опточам цела со конци од шеќер. Ги снемуваше за неколку секунди.
Вкусот е прекрасен, може само да ги подготвите, без да формирате кула.
Непцето ќе ви биде презадоволно.