Пекарски кифли-пури
Состојки
- 500 мл млеко
- 2 пакетчиња сув квасец
- 2 лажици шеќер
- 1 лажица сол
- 150 мл масло
- 900 гр брашно (плус, минус 50 гр)
Подготовка
Кифлчките се неизбежен дел од секоја празнична трпеза, особено во комбинација со руска салата.
Подготовка:
1. Во топлото млеко растворете го квасецот, додајте го шеќерот, промешајте и оставете го десетина минути.
2. Додајте го маслото, солта и постепено додавајте брашно. Нема точна количина на брашното, овојпат јас искористив 850 гр. Многу зависи од квалитетот на самото брашно. Битно е да знаете дека тестото треба да биди меко, но нелепливо. Месете на работната маса и сами ќе осетите кога е доволно.
3. Убаво измесеното тесто покријте го и оставете го на топло да се дуплира во волумен.
4. Сега кратко премесете го и поделете го на топчиња. Јас обично го делам на 50 дела. Излегуваат средно големи, а вие по ваша желба.
5. Секое топче малку исучете го во форма на јазиче. Долниот дел намотајте го во форма на ролат и сега со двете раце мотајте, но во исто време и тегнете го на лево и на десно. Рацете ја добиваат улогата на сукало. Самата добиена кифличка треба да е на сите страни со приближно иста дебелина.
6. Наредете ги на плех прекриен со хартија и после половина час почнете со печење.
7. Кифличките пред печење премачкајте ги со јајце и наросете ги со крупна сол.
8. Печете на 180 степени, кратко време, треба да заруменат, а кога ќе ги извадите од рерната не ги покривајте со ништо.
Преубави се, нежно крцкави од надвор, а внатре меки како памук.