Славско Лебче (посно)
Состојки
- околу 500 гр Брашно (просеано)
- пола коцка (20 гр) Квасец
- 280 мл Вода (млака)
- 20 мл Масло
- 1 г.л. (15 гр) Шеќер
- 2 м.л. (10 гр) Сол
- За премачкување (пред печење и после печење)
- 10 мл + 10 мл Масло
- 20 гр + 20 гр Маргарин
Подготовка
Во пресрет на празниците и славите, еве еден мој предлог за славско лепче, направено во посна варијанта, за денешната наша куќна слава Свети Ѓорѓија.
Подготовка
1. Го раствораме квасецот со 30 мл од водата.
2. Во длабок сад го ставаме брашното (од него тргаме настрана 4 г.л. за домесување). Ги додаваме шеќерот, солта - промешуваме. Сега го додаваме растворениот квасец и маслото, месиме тесто со помош на миксер или рачно, кое го доработуваме на работната маса (сега додаваме постепено од брашното што го тргнавме настрана).
3. Замесеното тесто го ставаме во набрашнетиот сад, набрашнуваме и одозгора, го покриваме и го оставаме на топло место да стаса (околу 45 минути).
4. Потоа тестото (кое тежи 800 гр) го делиме на 4 дела. Еден дел од 400 гр (за топчето во средината), два дела од по 150 гр (за делот околу средишното топче) и 1 дел од 100 гр (за двете мали плетенчиња). Ги покриваме со крпа да одморат 5 минути.
5. Сега прво ги зимаме 2-та дела од по 150 грама. Ги издолжуваме во ваљаци долги 90 цм. На малку намрсена работна маса прво го издолжуваме едниот дел, па другиот, наизменично, додека се постигне потребната должина. Од двата ваљака плетеме спирална плетенка, која ја ставаме во тавчето околу неговиот раб (видете додатни слики).
6. Потоа го зимаме делот од 400 гр, го премесуваме, го формираме во топка, и го ставаме во средишниот дел на тавчето (покриваме со стреч фолија околу 35 минути). Сега почнуваме со формирање на двете плетенчиња (тестото од 100 гр поделете го на 6 делчиња) кои наизменично на малку намрсена работна маса ги издолжуваме во ваљачиња долги 40 цм. Плетеме 2 плетенчиња на класичен начин.
7. Плетенчињата ги ставаме врз погачата, покриваме со стреч фолијата, нека отстои погачата уште 10 минути. За тоа време ја уклучуваме рерната да се загрее на 200 степени. Пред печењето ја премачкуваме погачата со растопен маргарин и масло (10 мл масло и 20 гр маргарин).
8. Печеме на 200 степени 30 минути, па намалуваме на 180 степени - допекуваме до заруменување. Испеченото лепче веднаш го вадиме од тавчето, го ставаме врз решетка, го премачкуваме со мешавината од масло и маргарин и го оставаме да олади.
Забелешка - Оваа доза е за тавче број 24.
На здравје!