Испечати

Двобојни путер колачиња (со ореви)

Двобојни путер колачиња (со ореви)

Состојки

  • Светло тесто
  • 180 гр Путер (на собна температура)
  • 90 гр Шеќер во прав
  • 1 Жолчка
  • 1 (10 гр) Ванила
  • прстофат Сол
  • 260 гр Брашно (просеано)
  • Темно тесто (1/3 од светлото тесто плус наредните состојки)
  • 30 гр Шеќер во прав
  • 1 Жолчка
  • 20 гр Какао
  • 1 м.л. Цимет
  • 60 гр Ореви (мелени)
  • 1 г.л. Брашно
  • За премачкување - 2 Белки
  • За увалување на ролатчињата - 80 гр Ореви (сецкани)

Подготовка

Во пресрет на престојните празнични денови, еве еден предлог од мене за декоративни и многу вкусни колачиња, кои ги правам за специјални моменти. Иако на почетокот подготовката можеби ќе ви изгледа комплицирана, верувајте дека тоа не е воопшто така, и дека навистина вредат за да се потрудите да ги направите.

Подготовка

СВЕТЛО ТЕСТО
1. Во длабок сад ги ставаме путерот (омекнат и исецкан на помали парчиња) и шеќерот во прав. Мешаме до убаво соединување.
2. Потоа ги додаваме жолчката, ванилата и солта. Пак мешаме до хомогенизирање.
3. На крај го додаваме брашното. Замесуваме глатко тесто, кое тежи околу 550 гр и го делиме на 3 дела. Едната третина (околу 180 гр) ја тргаме настрана, ќе ни треба за темниот дел, а другите 2/3 тесто ги ставаме во ќесенце за замрзнување.
ТЕМНО ТЕСТО
1. Во длабок сад, со рачна маталка, ги соединуваме жолчката и шеќерот во прав.
2. Сега ги додаваме какаото и циметот, соединуваме.
3. Ги додаваме и мелените ореви, замесуваме тесто.
4. Добиеното тесто, заедно со 1/3 третина од светлото тесто, ги месиме заедно на работната маса (тука ставаме 1 г.л. брашно) до хомогенизирање.
5. Добиеното темно тесто го ставаме во ќесенце за замрзнување.
- И двата дела ги оставаме 20 минути во фрижидер.
ФОРМИРАЊЕ НА КОЛАЧИЊАТА
1. Најпрво си спремаме мрсна хартија (сечеме 3 парчиња со должина од околу 45 цм).
2. Го зимаме светлото тесто, го ставаме врз едно парче од мрсната хартија, покриваме со друго парче мрсна хартија. Двете парчиња мрсна хартија ги превиткуваме на сите 4 страни, во димензии од 35х25. Со помош на сукало, расукуваме кора во зададените димензии. Го тргаме горното парче хартија, а расуканото тесто со долното парче мрсна хартија го ставаме врз некој дискус.
2. Истата постапка е и со темното тесто. Тука ја користиме хартијата што ја тргнавме од светлото тесто, плус третото парче исечена мрсна хартија. И ова тесто го ставаме во дискус.
3. Двете расукани теста ги ставаме во замрзнувач 10 минути.
4. Потоа, го зимаме темното тесто, го премачкуваме со белката (разматена кратко со вилушка), врз него внимателно го ставаме светлото тесто, рамниме убаво со сукало, за да се залепат подобро двата дела.
5. Ја тргаме горната мрсна хартија, и сечеме на пола во ширина. Со помош на хартијата виткаме стиснат ролат. Добиваме 2 ролатчиња. Ги премачкуваме со белката, па ги увалуваме во сецканите ореви. Завиткуваме во мрсната хартија и ги оставаме во замрзнувач 30 минути.
6. Потоа со остар нож сечеме парчиња со ширина од 1 цм. Ги редиме во плех врз хартија за печење.
7. Печеме во загреана рерна на 180 степени (јас печев 25 минути).
8. Нека оладат, па ги дегустираме во добро друштво со кафе или чај.

На здравје!