Славска плазма-кокос бајадера
Состојки
- 200 мл Вода
- 300 гр Шеќер
- 250 гр Путер
- 300 гр Плазма бисквити (мелени)
- 100 гр Кокос
- За глазура - 150 гр Бело чоколадо и 50 гр Црно чоколадо
Подготовка
Во пресрет на престојните слави, еве еден предлог за брзи, вкусни ситни славски колачиња, брзи и едноставни за правење, со кои може да експериментирате, па со дел од смесата да направите бомбици (извалкани во мелена плазма или кокос) или пак смесата да ја ставите во калап со триаголна форма и слично.
Подготовка
1. На средна температура во тенџере ги ставаме водата и шеќерот, мешаме додека да проврие. Потоа го додаваме и путерот, мешаме да се стопи. Тенџерето го тргаме настрана, и ги додаваме мелените плазма бисквити и кокосот. Мешаме да се соединат убаво и враќаме на оган уште 2-3 минути со постојано мешање.
2. Смесата ја истураме во соодветен сад (обложен со стреч фолија или мрсна хартија) и ја рамниме убаво.
3. На пареа го топиме белото чоколадо со 4,5 г.л. масло, па го истураме врз смесата. Посебно го топиме и црното чоколадо на пареа со 1,5 г.л. масло (јас ставам на 100 гр. чоколадо 3 големи лажици масло). Црното чоколадо го ставаме во ќесенце, на кое врвот му го отсекуваме и цртаме линии врз глазурата од бело чоколадо, па со помош на чачкалица или стапче за ражничиња, повлекуваме линии од едната страна накај другата, па во обратен правец.
4. Нека олади колачот и нека се стегне глазурата, па со остар нож сечеме парчиња.
*Забелешка - Доколку сакате може да се направи и посна варијанта со замена на путерот со маргарин, и употреба на посни бисквити и посно чоколадо. Глазурата по желба може да биде само од бело чоколадо, или доколку сакате само од црно чоколадо, сеедно.
На здравје!