Качамак со чадени колбаси и суви, лути везенки
Состојки
- 1 до1,2 л вода
- 400-500гр пченкарно брашно
- 1лажиче сол
- 2 домашни, чадени колбаси, околу 300гр
- 1лажица свинска маст за пржење
- 2,3 суви, лути везани пиперки
Подготовка
Подготовка:
1. Прво во тенџере ставаме вода и сол. Од кога ќе почне тивко да врие, го намалуваме огнот (кај мене од 1 до 9, готвев на 4) и во форма на венец го нанесуваме брашното. Со дршка од дрвена лажица на 3,4 места правиме дупки. Готвиме 20, 25 минути.
2. Сега ако има многу течност, одлеваме во една чашка, а по потреба може да се додаде во качамакот додека се меша. Сега ви треба машка рака, да го врти, се додека не се разбие убаво брашното.
3. Во меѓувреме ги пржиме на свинска маст домашните, чадени колбаси. Е од таа маснотија, додаваме во качамакот 2, 3 лажици.
4. Со намастена лажица земаме од жешкиот качамак и ставаме во мали грненца, тавчиња. Одозгора ставаме пржен колбас и пржени суви пиперки. Послужуваме и црвено вино. Kај нас беше Вранец.
На здравје.