Испечати

Снежни Желатин колачиња

Снежни Желатин колачиња

Состојки

  • 75 мл Вода
  • 300 гр Шеќер
  • 1 Ванила
  • 2 пакетчиња (од по 10гр) Желатин
  • 65 мл Вода
  • 2 Белки
  • 100 гр Тиквено пире
  • 1/2 м.л. Цимет
  • По потреба - Кокос

Подготовка

Слатки, нежни колаченца, кои настанаа сосема случајно, откако претходно ми останаа 2 белки, па решив малку да експериментирам со состојките, па освен белките кои ги искористив, додадов и пире од тиква, за на крај да експериментирам малку и со обликот, и освен на класичен начин како коцки, ги обликував и со готварски шприц. Резултатот е во слики, и можам да кажам како љубител на класичните желатин коцки, дека исходот е совршен.

Подготовка

1. Во мало тенџерче ставаме 75 мл вода, ванила и шеќерот (нека зовријат). Во меѓувреме желатинот го раствораме со 65 мл вода и го оставаме да набабри. Потоа го додаваме кај зовриениот шербет, мешаме да се раствори, нека зоврие пак и го тргаме настрана.
2. Сега почнуваме со матење на белките во цврст снег. Го додаваме и пирето од тиква - соединуваме. Откако сме ги изматиле во цврст снег, го додаваме жешкиот шербет со желатин, постепено во тенок млаз, со постојано миксирање. На крај јас по мој вкус додадов 1/2 м.л. цимет.

3. Подготовка на желатин коцките. Подготоваме длабок сад, на кој, на дното му наросуваме кокос, врз него ставаме дел од смесата, и одозгоре пак ставаме насекаде кокос. Оставаме да се стврдне неколку часа во ладна просторија, па со остар нож сечеме на парчиња, кои од страните ги увалуваме во кокос.
4. Подготовка на желатин ружичките  - Дел од смесата што ја оставивме, нека постои околу пола час, делумно ќе се стегне, и на тој начин ќе може полесно да се формираат. Миксираме во меѓувреме 1-2 пати. Врз мрсна хартија за печење наросуваме кокос, и врз него ги формираме ружичките. И врз нив наросуваме кокос. Оставаме неколку часа и тие да се стегнат.

*Забелешка - За разноликост, по желба поделете ја смесата, додадете прехрамбена боја по избор, за да добиете десерт во 1,2 или повеќе бои, или пак додадете боја во кокосот.
Совет - Мене лично многу ми се допадна начинот на формирање на овие колаченца со шприц во форма по избор, и затоа мислам дека добро би се вклопиле во декорација на пример на некоја торта.

На здравје!