Набрана баклава со гриз и ореви
Состојки
- 500 г кори за баклава (14 парчиња)
- 300 г кршени ореви
- 100 г потпечен гриз
- 1 лажица цимет
- 2 пакетчиња ванилин шеќер
- 100 г растопен путер
- 100 мл масло
- 900 мл вода
- 800 г шеќер
Подготовка
Дефинитивно, највкусната баклава која излегла од мојата кујна беше оваа. Иако не ги погодив баш корите, беа залепени и ми пукаа во виткањето, сепак крајно, баклавата беше врв, особено наредниот ден. Сите кои ја пробаа, со восхит и замижани очи успеаа само да кажат мх мх мх.
Корите кои ги користев беа за пита, вкупно 15, искористив 14. Тавчето кое го користев беше Делимано 28ка.
Подготовка:
1. Прво припремете го шербетот, ставете ја водата со шеќерот да се варат околу 15 минути. Оставете да се лади. Додадете некоја капка лимонов сок после ладењето. Потоа почнете да работите со корите.
2. Прво потпечете го гризот, додека малку не ја промени бојата. Мешајте константно. Додадете го циметот и ванилата, измешајте. Оревите нека ви бидат подготвени во друг сад. Путерот растопете го на рингла и додадете го маслото. Промешајте.
3. Земете една кора. Попрскајте ја со маслената смеса. Земете околу 1 и пол лажица од гризовата мешавина и попрскајте. Потоа одозгора ставете ја втората кора. Попрскајте маслена смеса, ставете околу 2 раце од оревите низ целата кора. Поставете го сукалото во најгорниот дел и завиткајте ги корите околу сукалото. Замотајте. Потоа наберете ги корите од десната и левата страна со нежен притисок (види слика). Извадете ја ролната внимателно и ставете ја во тавчето. Повторете го истото со останатите 12 кори (ќе добиете уште 6 ролни).
4. Премачкајте ги корите со маслената смеса и ставете ја да се печи баклавата прво на 200 степени, па по 7-8 минути намалете ја температурата на 180 степени и печете околу половина час, додека убаво не порумени. После печењето, оставете ја баклавата 2-3 минути и полејте ја со оладениот шербет. Оставете ја да се излади, одвреме на време со лажица земајте од шербетот и прелевајте ја одозгора. Наросете по малку мелен орев над корите. Кога ќе се излади, ставете фолија одозгора и ставете ја во фрижидер.
Највкусна и најдобра за консумирање е по 24 часа.
На здравје.
*Напомена-корите ги редев во круг и на крај баклавата ми личеше на мазник или кукурец. Можите во правоаголна тава да работите и да ги поставувате право.