Пециво со виршли со кашкавал
Состојки
- тесто
- 15гр свеж квасец
- 1/2лажиче шеќер
- 1/2лажиче сол
- 30г растопен путер
- 130мл топло млеко
- 250гр брашно
- 1 јајце
- Виршли со кашкавал
- кечап
- 3,4Листови топлив кашкавал
- магдонос
- сусам
Подготовка
Меко и вкусно пециво е мојот денешен појадок. И покрај тоа што многу ретко користам виршли во исхраната, еве исклучок за мала промена. Јас користев виршли со кашкавал. Беа малку поголеми, ги сечев по должината на половина. Направив 10 пецива, но може тестото да се подели на поголеми топчиња и да се формираат 6 или 8.
Подготовка:
1. Во топлото млеко го ставаме квасецот, шеќерот и лажиче брашно. Промешуваме и оставаме на страна да се активира. Потоа во вангличка се ставаат путер, сол, изматенo јајце (од кое малку одделив за премачкување) и брашно.
2. Замесуваме мазно и нелепливо тесто. Го покриваме и оставаме да се дуплира. Го делиме на 10 топчиња. Секое топче го расукуваме во кориче, па го виткаме како кифла. Постапката е иста со сите топчиња.
3. Ја земаме првата кифла, во средината ставаме виршла, нежно притискаме нанесуваме кечап, коцки топлив кашкавал, сецкан магдонос. Малку премачкуваме со јајцето, наросуваме сусам. Ги редиме во хартиени кошнички, што и не е задолжително. Ги ставаме во плех. Киснат 10 минути и ги печеме во загреана рерна околу 25 минути.
Сервираме топли.