Фокача (без месење)
Состојки
- 320мл топла вода
- 1 лажичка сув квасец
- 1 лажичка шеќер
- 1 лажичка сол
- 400г брашно
- маслиново масло по потреба
- зачини по потреба
- неколки маслинки
Подготовка
Од сите рецепти кои ги имам пробано за фокача, овој некако најмногу ми легна.
Подготовка
1. Во подлабок сад ја додаваме водата, потоа квасецот, шеќерот и на крај брашното и солта. Мешаме со дрвена лажица до целосно соединување. Го попрскуваме тестото со маслиново масло и оставаме покриено на собна температура. Јас во случајов го оставив околу 6-7 часа. Доколку го оставате подолго или преку ноќ - нека стои во фрижидер.
2. Тавата за печење ја намрсуваме со малку маслиново масло и ја обложуваме со хартија за печење. Го истураме тестото во подготвената тава и внимателно со прсти го распоредуваме. Го оставаме во тавата да стасува уште 45 минути - 1 час. Треба да биде покриено со капак или најлонска фолија.
3. Го попрскуваме тестото со малку маслиново масло и правиме мали вдлабнатини со прсти. Од зачини јас ставив морска сол, рузмарин, мајчина душица и додадов неколку сецкани црни маслинки.
4. Рерната ја загреваме на 250 степени. Печеме 10тина минути а потоа намалуваме на 200 степени и печеме уште 10-15 минути (додека да добие убава боичка). Лепчето е со крцкава кора и мека внатрешост.
На здравје!