Бела зеленчукова чорба-манџа
Состојки
- 1 главица кромид
- 1 морков
- 400 гр. грашок (замрзнат)
- по потреба масло, сол и млака вода
- 1 тегла маринирани шампињони
- 1/4 лажичка црн пипер
- 1 полна лажица мешан сув зачин
- 2 полни лажици брашно
- 3 компири
- 100 гр. бамја
- по желба ловоров лист
Подготовка
Превкусен ручек, според мене две во едно, зашто не е ниту само чорба, а не е ниту само манџа. Ви препорачувам да го подготвите ова јадење, бидејќи состојките може да ги најдете во секое време, а подготовката не е сложена.
Подготовка:
1. Во тенџере го ставаме кромидот ситно исечкан, морковот исчистен и исечкан на кругови и замрзнатиот грашок. Ставаме масло и малку сол, вода не ставаме, бидејќи грашокот ќе испушти при пржењето.
2. Пржиме додека да испари течноста во тенџерето и малку да омекне зеленчукот. Потоа ги сечкаме и ставаме маринираните печурки (кои беа цели во теглата), продолжуваме со пржење.
3. Ги додаваме зачините (црниот пипер и сувиот зачин), а по кратко време го ставаме брашното, пржиме интензивно, да не ни загори.
4. Сега постепено ја додаваме млаката вода, онолку колку што ќе биде потребно да се добие средна густина на течноста.
5. Штом ќе почне да врие водата, ги ставаме исечканите компири и бамјата, и вариме додека се сварат сите зеленчуци.
Забелешка -
* бидејќи во моментот на подготовка на јадењево имав и ја ставив бамјата, но истата не е задолжителна.
* како што се гледа во подготовката, запршка не ставам, бидејќи брашното го запржувам во текот на готвењето, па потоа ставам вода, што е покорисно, отколку на крајот на јадењето да се стави запржено брашно.
* исто така, не е задолжително оваа чорба-манџа да биде посна, може да се подготви со било какво месо, одлична е и така.
На здравје!
(532)