Испечати

Трилече Колач

Трилече Колач

Состојки

  • За пандишпанот
  • 6 Јајца
  • 150+150 гр Шеќер
  • 1+1 Ванила
  • 300 гр Брашно (просеано)
  • 1 Пециво
  • Млечна мешавина
  • 1 л Млеко (со масленост најмалку 3,5%)
  • 500 мл Слатка млечна павлака
  • 200 мл Кондензирано млеко или млеко за кафе (со масленост најмалку 10%)
  • За премачкување - 300-500 гр Карамела Фарситура

Подготовка

Овој колач потекнува од Јужна Америка, ама најмногу го поврзуваат со Турција и Албанија. Верувам дека на многумина им е добро познат овој десерт, па еве и јас да го споделам мојот начин на подготовка. Кога првпат го пробав овој колач, за мене беше десерт со досега единствен вкус и не наликува на ниеден друг колач. Едноставно е единствен со сочноста од млечната мешавина и убавиот шмек од преливот од карамела.

Подготовка на пандишпанот
1. Најпрво го подготвуваме пандишпанот. Ги двоиме белките од жолчките и ги ставаме во два сада.
2. Белките ги миксираме во цврст снег, со постепено додавање на половина од шеќерот и 1 ванила.
3. Жолчките исто ги миксираме со постепено додавање на другата половина од шеќерот и 1 ванила до побелување на смесата.
4. Потоа ги додаваме изматените жолчки кај изматените белки. Соединуваме кратко до хомогенизирање.
5. На крај го додаваме претходно просеаното брашно соединето со пецивото. Мешаме со рачна маталка со бавни движења.
6. Готовата смеса ја истураме во намрсено со масло тавче, во кое сме ставиле и хартија за печење (од страните нека биде малку подолга, за да може полесно да го извадите испечениот пандишпан).
7. Печеме во загреана рерна на 200 степени (10 минути), па намалуваме на 150 степени (јас печев уште околу 30 минути, ама сепак проверете со чачкалица).
8. Печениот пандишпан го вадиме од тавчето, нека олади малку (ама не потполно).

Подготовка на млечната мешавина
1. Во длабок сад ги ставаме сите 3 вида на млеко (на собна температура) ги соединуваме со рачна маталка.
2. Во тавчето каде го печевме пандишпанот истураме пола од млечната мешавина, па го ставаме пандишпанот (превртен со долната страна нагоре, а и не мора-сеедно е).
3. Сега пандишпанот со помош на дрвено стапче за ражничиња го буцкаме насекаде, па врз него ја истураме останата половина од млечната мешавина. После околу пола час, кога млекото на горната површина е потполно упиено, премачкуваме со карамелата.
4. Оставаме неколку часа (најдобро цела вечер) да се упие течноста.

Послужуваме добро изладено, за потполно уживање.

Забелешка - На овој начин најчесто го правам овој десерт, но понекогаш наместо да го премачкам со карамела, го премачкувам со изматена слатка павлака, превкусно е и така, пробајте.

На здравје!