Испечати

Пилешка гулаш чорба во лепче

Пилешка гулаш чорба во лепче

Состојки

  • За гулашот
  • 1 поголемо парче пилешки стек исечено на помали парчиња
  • 1/2 лажица вегета
  • по потреба пченкарно брашно за прпелкање на стекот
  • 3-4 лажици масло
  • 1 главица исечкан кромид
  • 2-3 чешниња исечкан лук
  • 1 поголем исечкан морков
  • 1 чаша доматен сос
  • 1 чаша вода
  • 1 пилешка коцка за супа
  • 1 ловоров лист
  • по малку сув магдонос, црн бибер и сол
  • 1 лажичка црвена пипер
  • 1 чаша вода со растворени 1.5 лажици брашно (се додава на крајот)
  • 100 мл павлака
  • За лепчиња (4)
  • 1/2 коцка квасец
  • 300 мл топла вода
  • 1 лажичка шеќер
  • 1 лажица растопен путер
  • 1 разматено јајце
  • околу 550 г брашно
  • 1 лажичка сол

Подготовка

Ова е едно од највкусните јадења кои се родиле во мојата кујна. Значи мерак мераци е јадењево. Не знам кое ми беше повкусно, гулашот или лепчето. Нешто совршено. Искрено не користев рецепт, и двете ги припремив по осет и претходно искуство.

Припрема на лепчињата:
1. Прво замесете го тестото, растворете го квасецот во водата со шеќерот, па додадете го путерот, разматеното јајце (од јајцето оставете малку за премачкување), сол и постепено додавајте од брашното. Замесете меко нелепливо тесто, оформете топка и оставете го да нарастува околу 1 час. После 1 час премесете го и оставете го уште половина час.

2. Потоа поделете го на 4 топчиња, сместете ги во плех за печење, премачкајте ги со разматеното јајце и оставете ги да нарастуваат 1 час. Потоа, ставете ги да се печат на 190 степени, додека не поруменат. Лепчињата се меки како памук од внатре и малку крцкави од надвор, едни од највкусните кои сум ги направила.

Припрема на гулашот:

1. Исечканиот стек посолете го со вегета и испрпелкајте го во пченкарно брашно. Запржете го малку на масло. Откако ќе порумени по малку од сите страни, тргнете го настрана и во истото масло ставете ги кромидот, морковот и лукот да се запржат и омекнат. Потоа додадете го доматниот сос, водата, ставете црвена пипер, коцка бујон, црн бибер, другите зачини, ловоров лист и оставете да си крчка околу 1 час. 2. На крајот во една чаша со вода, растворете го брашното и додадете го. Мешајте убаво и додадете ја и разматената павлака. Нека повари уште неколку минути и гулашот е спремен за јадење.

Послужување:
1. Лепчето се сечи во горниот дел, се вади средината и се полни со топлиот гулаш. Гулашот можи да се припреми и со свинско месо, а за телешко ќе треба повеќе време варење.

На здравје.