Тегнета Баница (со урда)
Состојки
- 800 гр Брашно
- 1 г.л. Сол
- 500 мл Вода (млака)
- околу 400 гр Урда
Подготовка
Досега вообичаено кога сум правела баница освен брашно, сол и вода, додавав и неколку лажици масло, и тестото веднаш го делев на топчиња, кои веднаш ги расукував и намрсував., па после пола час ги тегнев. Овојпат тестото за баницата го спремав на малку поинаков начин, и можам да ви кажам дека одлично се работи со тестото.
Подготовка
1. Од наведените состојки се замесува тестото, кое е малку лепливо (така и треба да биде). Тестото го ставаме во ќесе и го оставаме 1 час да одмори. Потоа тестото (кое е омекнато и лепливо) го вадиме на набрашнета работна маса. Го премесуваме тестото и го делиме на 4 дела. Сите 4 дела поединечно ги премесуваме. Така формирани ги покриваме со крпа и ги оставаме 10 минути да одмори тестото.
2. Сега на масата ставаме чаршаф, набрашнуваме на местото каде ќе го ставиме првото топче, го набрашнуваме и топчето одозгора и го расукуваме во кора дебела 0,5 цм (по потреба додаваме брашно при расукувањето). Расуканото тесто го намрсуваме со масло со помош на четка, убаво насекаде, па го преклопуваме на пола. Вака формирано тестото го оставаме настрана, покриено со крпа и го оставаме 15-20 минути да одмори. Постапката е иста со следните 3 топчиња. Многу е битно просторијата да биде топла.
3. После поминатите 15-20 минути, почнувајќи од првото преклопено тесто, го враќаме преклопениот дел назад и почнуваме со тегнење. На растегнатата кора ставаме насекаде урда (или фил по желба) и завиткуваме со помош на чаршафот. Формираме полжав во средината на тепсијата (број 34). Наредните корички ги формираме на истиот начин. Печеме во загреана рерна на 250 степени до заруменување.
На здравје!