Вулкан Колач (Јубилеен 300-ти рецепт)
Состојки
- За крем
- 500 мл Млеко
- 1 Јајце
- 100 гр Шеќер
- 1 Ванила
- 60 гр Нишесте
- 50 гр Путер (маргарин) ладен
- За пандишпан
- 4 Јајца
- 120 гр Шеќер
- 1 Ванила
- 150 мл Млеко
- 75 мл Масло
- 2 г.л. (20 гр) Какао
- 1 Пециво
- 300 гр Брашно
- За декорација - 50 гр бело чоколадо, 50 гр црно чоколадо, малку чоколадни трошки.
Подготовка
Драги мои читатели на страната Мои рецепти, драги готвачи и драга екипа на прекрасната страна за споделување на рецепти за сечиј вкус, со задоволство сум ова време меѓу вас, а се надевам и Вие со мене. Досега ви споделував рецепти од мојата кујна кои секогаш ги спремам со многу љубов, а таа љубов кон готвењето ме донесе и до мојот Јубилеен 300-ти рецепт, кој со задоволство беше дегустиран од моите најмили. Ова е еден превкусен и економичен десерт, кој се прави многу лесно и брзо, а со неговиот изглед и вкус ќе ве воодушеви.
1. Подготовка на кремот
-Најпрво започнуваме со подготовката на кремот. Нишестето го раствораме во млекото, па го процедуваме преку цедалка за секој случај, за да нема грутки. Ги додаваме и останатите наведени состојки и го вариме кремот на средна температура до негово згуснување (како класичен пудинг). Потоа го тргаме настрана и го додаваме путерот, мешаме да се растопи. Кремот го префрламе во друг сад и го покриваме со стреч фолија.
2. Подготовка на пандишпанот
- Во длабок сад ги миксираме јајцата, со постепено додавање на шеќерот и ванилата, до нивно згуснување. Потоа ги додаваме млекото и маслото. На крај ги додаваме какаото, брашното и пецивото. Миксираме кратко до хомогенизирање. Во округол калап број 26 (со обрач кој се вади) ставаме на дното хартија за печење, а страните ги премачкуваме со путер. Ја истураме смесата за пандишпан, па врз неа го ставаме кремот со голема лажица, додека да се потроши. Кремот се става само во средишниот дел, на неколку см од краевите на калапот (видете додатна слика). Кремот и да не е целосно оладен, тоа не претставува никаков проблем. Колачот се пече во загреана рерна на 180 степени - 40 минути. Испечениот колач нека олади, па го вадиме од калапот.
3. Декорација
- Во средишниот дел ставаме чоколадни трошки. Чоколадото (посебно белото, посебно црното) го топиме на пареа со 2 м.л. масло, па го ставаме во мало ќесенце. Ќесенцето го дупнуваме на врвот и го шараме колачот.
На здравје!