Испечати

Турски Симит Ѓеврек

Турски Симит Ѓеврек

Состојки

  • За тесто
  • 500 гр + 30 гр Брашно (просеано)
  • 50 гр. Маргарин (омекнат)
  • 2 м.л. Сол
  • 1 м.л. Шеќер
  • 20 гр. Квасец (свеж)
  • 300 мл. Вода (млака)
  • Сладок раствор
  • 2 г.л. Маџун
  • 250 мл. Вода (млака)
  • Плус за увалување - 100-150 гр Сусам.

Подготовка

Прочуениот Турски Симит ѓеврек првпат во моја изведба, и можам само да го потврдам тоа и што го очекував. Превкусни се, со крцкава сусамова кора и меки одвнатре. Во Турција се типична улична храна, која ја конзумираат со чаша ајран или чај, а мојот предлог е да ги пробате со чаша јогурт, пресечени на пола и премачкани со крем сирење, нам ни беа превкусни.

Подготовка
1. Во длабок сад го раствораме квасецот со 100 мл од водата, шеќерот и 1 лажица од брашното. Оставаме 10 минути да се активира квасецот.
2. Потоа ги додаваме останатите состојки и замесуваме меко, нелепливо тесто. Месиме барем 5 минути, и притоа маргаринот го додаваме постепено на 3 пати. Потоа тестото го домесуваме на работната маса, со додавање на останатите 30гр брашно. Веднаш го делиме на 6 исти дела (кои тежат по околу 150гр). Ги формираме во топчиња, секое топче го премесуваме 2-3 минути, па ги покриваме со крпа и ги оставаме пола час да стасаат. Кога со прстот ќе направите вдлабнатина на топчињата која ќе остане така, тогаш тестото е спремно за обликување.
3. Од секое топче формираме долг фитил (околу 90цм) кој го превиткуваме на пола, па го плетеме како јаже и формираме форма на ѓеврек.
4. Формираниот ѓеврек го ставаме во слаткиот раствор, па го валаме во сусамот. Потоа го ставаме во плех за печење врз хартија за печење. Постапката е иста со останатите 5 дела.
5. Покриваме со чаршафче, нека стасаат 20-30 минути, па печеме во загреана рерна на 200 степени до заруменување.

На здравје!