Брз ролат со фил од јаболка и ореви
Состојки
- Фил
- 1 кг Јаболка (благи) рендани
- 5 г.л. Шеќер
- 1 Ванила
- 50 гр. Ореви (мелени)
- по вкус 1 м.л. Цимет
- Пандишпан
- 3 Јајца
- 70 гр Шеќер
- 1 Ванила
- 80 мл. Млеко
- 150 гр. Брашно (просеано)
- 1 Пециво
- За наросување одозгора - шеќер во прав измешано со чоколадо во прав.
Подготовка
Скоро секогаш кога и да го направам го снемува за миг, за љубителите на вкусот на јаболка топло ви го препорачувам овој превкусен ролат, со брза и едноставна припрема.
1. Подготовка на филот - Јаболката ги миеме, лупиме и рендаме на крупната страна од рендето. Ги додаваме ванилата и шеќерот (циметот е по вкус, јас овојпат не ставив). На средна температура ги пржиме јаболката, додека да испари течноста што ќе ја пуштат. На крај ги додаваме мелените ореви. Тргаме настрана малку да излади филот додека го спремаме пандишпанот.
2. Подготовка на пандишпанот - Во длабок сад ги ставаме јајцата, ванилата и постепено го додаваме шеќерот, миксираме до згуснување. Потоа го додаваме млекото, па брашното соединето претходно со пецивото. Соединуваме со шпатула или миксираме кратко на најспора брзина. Пандишпанот е спремен.
3. Во голем плех од шпоретот (кај мене со димензии 43х33), ставаме хартија за печење, потоа рамномерно го распоредуваме филот со помош на лажица, па врз филот ја истураме смесата за пандишпан.
4. Печеме во загреана рерна на 180 степени (околу 20-25 минути, ама сепак проверете со чачкалица).
5. Врз испечениот пандишпан ставаме хартија за печење, па дискус, го превртуваме тавчето, ја тргаме внимателно хартијата за печење, од кај делот со јаболка и со помош на хартијата за печење го виткаме ролатот од пократката страна. Така завиткан го оставаме да олади. Потоа го посипуваме со шеќер во прав (јас додадов и чоколадо во прав) и сечеме парчиња.
Забелешка - Понекогаш додавам и суво грозје во филот, ролатот е превкусен и така. Доколку користите покисели јаболка, зголемете ја количината на шеќер во филот.
На здравје!