Испечати

Мини Тарт (со фил од смокви и гриз)

Мини Тарт (со фил од смокви и гриз)

Состојки

  • 2 Јајца (Л)
  • 100 гр Шеќер
  • 1 Ванила
  • 100 мл Масло
  • 350-370 гр Брашно
  • пола Пециво
  • 1 Лимон (кората)
  • За филот
  • 12-13 Смокви (средна големина)
  • 2-3 г.л. Шеќер (по вкус)
  • 2-3 г.л. Гриз
  • За посипување - шеќер во прав

Подготовка

Декоративен, вкусен и идеален десерт за со кафе или чај. Како обожавател на зрелите смокви, овојпат се одлучив филот да го приготвам токму со нив, и можам да ви кажам само дека беа превкусни.

Подготовка

1. Во длабок сад ги ставаме јајцата, шеќерот, ванилата и маслото. Мешаме со рачна маталка. Го додаваме пецивото и брашното (просеано), постепено, до добивање на мазна, мека, нелеплива смеса.
2. Веднаш во калапот за мафини (намрсен со маргарин и набрашнет) ставаме во секој отвор по едно топче од тестото (издвојте од вкупната количина на тесто 2/3, а останатата 1/3 ќе ви треба за топчињата за одозгора). Отприлика секое топче тежи 40 гр.
3. Секое топче со прсти го обликуваме во калапот за мафини. Калапот го покриваме со ќесе, да не се суши тестото и го ставаме околу 20-на минути во фрижидер, додека го спремаме филот. И останатата 1/3 од тестото ја ставаме во ќесенце и ја оставаме во фрижидер.
4. Подготовка на филот - Смоквите ги лупиме и гмечиме. Ги ставаме во мало тенџере и на средна температура ги загреваме, додека да зоврие смесата. Додаваме гриз и шеќер и вариме до згуснување, околу 5 минути. Тргаме настрана да оладат, 5 минути.
5. Сега тестото го дупчиме, на дното, со вилушка и ставаме од филот, по 1 голема лажица и декорираме со останатата 1/3 од тестото, на тој начин што правиме мали топчиња кои ги редиме одозгора (видете додатна слика).
6. Печеме во загреана рерна на 200 степени до заруменување (околу пола час). Нека оладат, па ги посипуваме со шеќер во прав.

Забелешка - За филот во зависност од тоа колку се сочни смоквите, по потреба корегирајте ја количината на шеќерот и гризот.

На здравје!