Пита од стар леб со ќофтиња
Состојки
- 1 стар леб
- 500 гр мелено месо
- 1 поголем кромид
- зачини по вкус сол, црн бибер, нане, оригано, буковска пипер, итн.
- 4 јајца
- 1 лажица маргарин
- 50 мл млеко
- по потреба кечап
- 150 гр кашкавал
Подготовка
Еве една вкусна идеја за вкусен брзински оброк и за искористување на заостанат леб.
Подготовка
1. Месото треба да е спремно како смеса за ќофтиња. Ставете му зачини по ваш вкус. Јас ставам крупно сечкан кромид, сушено нане, сол, црн бибер, буковска пипер, лукче во прав.
2. Тавчето за печење се намрсува со маргарин. Лебот се сечe на парчиња, и се реди во тавата, да се покрие дното.
3. Земаме дел од месото и правиме топче, плескаме плескавица. Над секое парче леб редиме едно плескавиче.
4. Потоа ги матиме јајцата и млекото со виљушка, и додаваме и во нив зачини по желба. Преливаме во празниот простор над лебот, помеѓу ќофтињата.
5. Потоа над јајцето додаваме и кечап, по желба и оригано. Кој сака, може слободно да си исечка домат, пиперка наместо кечап. Kога се брзам, кечапот ми е мене попрактичен. Така спременото тавче, ставете го во загреана рерна на 200 степени.
6. Печете 20 минути до половина час, а потоа проверете дали месото се испекло. Ако да, извадете ја тавата. Во спротивно оставете да се допече колку што има потреба (15 минути можеби), со повремено проверување.
7. Потоа околу месото, во празниот простор нарендајте од кашкавалот, или исечете на парчиња и наредете го. Вратете во рерна уште 10 минути, да порумени. Пред послужување оставете да се излади малку.
Добар апетит.