Чоколаден ролат со малини
Состојки
- 4 јајца (одвoени белки и жолчки)
- 100г шеќер (поделен 50+50г)
- 1 лажичка ванила
- 60г брашно
- 40г какао
- пола лажишка пециво
- на врв на лажичка сода бикарбона
- прстофат сол
- 40мл вода
- 1 чаша свежи малини
- 200г крем сирење (собна температура)
- 1 лажичка ванила
- прстофат сол
- 120г шеќер во прав
- 200мл слатка павлака
- 80г чоколадни капки
- 5 лажици слатка павлака
Подготовка
Случајно наидов на рецептов и бидејќи имав свежи малини дома решив да го направам. Вкусот е одличен и на филот и на тестото, а чоколадото е бонус.
Подготовка
1. Најпрво ги матиме белките постепено додавајќи 50г шеќер. Кога ќе добиеме цврст снег, ги оставаме на страна за подоцна. Во посебен сад ги мешаме брашното, какаото, солта, пецивото и содата. Жолчките ги матиме со останатите 50г шеќер. Додаваме 40мл вода во жолчките, а потоа постепено ја додаваме мешавината од суви состојки (брашно, какао, сол, пециво, сода). Кога ќе се добиеме еднолична смеса, ги додаваме и изматените белки, дел по дел, и мешаме со лажица. Смесата ја истураме врз плех за печење (јас користев плех со димензии 38х28цм) обложен со хартија за печење и изрмануваме убаво.
Печеме во загреана рерна на 160 степени 12-15 минути. Штом е печено, веднаш го превртуваме тестото врз крпа која претходно сме ја обложиле со тенок слој шеќер во прав, ја одлепуваме хартијата за печење и го мотаме тестото во форма на ролат со помош на крпата (почнувајќи од потесната страна). Оставаме целосно да се олади.
2. За филот најпрво ги обработуваме малините во блендер, додека да добиеме пире. Крем сирењето го матиме со 120г шеќер во прав, додаваме ванила, сол и пирето од малини. 200мл слатка павлака ја матиме, па ја додаваме во филот и мешаме убаво со лажица.
3. Филот го премачкуваме врз оладеното тесто во тенок слој. Притоа дел од филот (3-4 лажици) тргаме на страна за декорација. Го виткаме ролатот внимателно, го покриваме со најлонска фолија и оставаме во фрижидер најмалку 3 часа или најдобро преку ноќ.
4. Пет лажици слатка павлака ги загреваме во микро 30-45 секунди. Ги истураме врз чоколадните капки (или чоколадо за готвење исецкано поситно). Оставаме 5 минути, па потоа мешаме додека чоколадото се растопи. Го преливаме ролатот со чоколадото и премачкуваме од страните. Декорираме со филот што го зачувавме и со свежи малини.
На здравје!