Испечати

Галактобуреко

Галактобуреко

Состојки

  • 400 гр тенки кори како за баклава
  • 5 јајца
  • 150 гр шеќер
  • 1 и 1/2 л млеко
  • 5 лажици гриз
  • 5 лажици брашно
  • 1 лажица густин
  • 2 ќесички ванилин шеќер
  • зејтин за прскање на корите
  • путер
  • 450 гр шеќер
  • 250 мл вода
  • сок од пола лимон

Подготовка

Овој прекрасен десерт мајка ми многу често го правеше, додека бев мала. Ѝ го дала колешка од работа, чиј свекор бил готвач, Грк и е многу традиционално благо во Грција и Турција. Не е воопшто тешко да се направи, но потребно е време, додека се лади филот и додека целото не е целосно испечено, па да се полие со шербет, за што е потребно една цела ноќ да отстои. Секако, чекањето вреди. 

Подготовка:

1. Се матат 5 јајца со 150 гр се шеќер. Потоа, се додава 1 1/2 л млеко, 5 лажици гриз и 5 лажици брашно. Се остава да се вари, најпрвин да зоврие, а потоа се намалува оганот и се вари до скоро згуснување, постојано мешајќи, за да не загори. Потоа се додава лажицата густин, уште малце поварува при што сè се згуснува и веднаш се трга од оган. На крајот се додаваат двете кесички ванилин шеќер. Се остава да олади, мешајќи го од време на време, да не фати кора или ако сакате, ставете му горе најлонска фолија, но јас секогаш мешам.

2. Откако ќе олади, се почнува со филување на корите.
Во подмачкан плех ( јас го користев плехот од рерна) се редат половина кори, па врз нив целиот фил. Врз филот се става преостанатата половина од корите. Секоја кора се попрскува со зејтин. Се сече лежерно на парчиња, се пропрскува со зејтин и на секое парче му става коцка путер. Потоа се става да се пече.

3. Најпрвин на загреана рерна на 200 степени, а по едно 10 мин. се намалува на 180.
Откако ќе се испече се остава целосно да се излади. Откако ќе се излади, се попарува со врел шербет и се остава цела ноќ да отстои.

Добар аптетит!