Испечати

Саварен

Саварен

Состојки

  • 350г брашно
  • 50г шеќер
  • 1 кесичка сув квасец
  • прстофат сол
  • 3 лажици млеко
  • 6 јајца
  • 180г путер (собна температура)
  • 300г шеќер
  • сок од половина лимон
  • 150мл вода
  • 4-5 лажици рум
  • 200мл слатка павлака
  • 3-4 лажици шеќер во прав
  • малку ванила арома
  • овошје за декорација
  • 80г темно чоколадо
  • 30г бело чоколадо

Подготовка

Стар француски колач, одамна планирам да го пробам и еве конечно дојде на ред.

Подготовка

1. Ги мешаме брашното, 50г шеќер, квасецот и прстофат сол во подлабок сад. Јајцата ги разматуваме малку, со млекото, па ги додаваме во садот со брашно. Мешаме убаво со лажица, додека да добиеме мазна, леплива смеса. На крај го додаваме омекнатиот путер исечен на коцки и мешаме додека се да се спои убаво. Вака подготвеното тесто го оставаме покриено на собна темпратура 1 час.
2. За сирупот ги ставаме шеќерот, сокот од лимон и водата, во тенџере, на оган и вариме кратко, додека да се стопи шеќерот. Тргаме од оган, го додаваме румот, мешаме и оставаме да се олади на собна температура.
3. Стасаното тесто го префрламе во намрсен, нелеплив сад за куглоф. Јас користев сад со димензија 27цм. Го оставаме тестото да стасува уште 45 минути.
4. Печеме во загреана рерна на 180степени, 20-25 минути. Откако ќе се испече, го оставаме кратко во калапот, 10тина минути, па го вадиме. Во калапот додаваме половина од подготвениот сируп со рум, па го враќаме внимателно колачот во калап. Оставаме да упива околу 5 минути. Во поголем сад (јас користев тепсија) го додаваме остатокот од сирупот, па го ставаме колачот свртен со отворената страна, со се калапот на него, да отстои уште 5-10 минути, да упива. Потоа го отстрануваме колачот од калапот и го ставаме на чинија за послужување.
5. Слатката павлака ја матиме со шеќерот во прав и ванилата и со помош на шприц за декорација, ја додаваме во средината од колачот. Декорираме со свежо овошје, јас користев малини, капини и неколку листови нане.
6. За плочката го растопуваме темното чоколадо на пареа или во микро и со помош на шприц, врз хартија за печење, правиме овална форма. Оставаме во фрижидер да се стегне. Го топиме белото чоколадо и со помош на шприц за декорација го испишуваме името на десертот. Незадолжително, но интересен детал според мене.

На здравје!