Овошна салата со џус и мента
Состојки
- 1/2 праска
- 1/2 круша
- грст капини
- или било какво сезонско овошје по избор
- 2-3 ливчиња мента (нане)
- 100 мл џус од портокал
- 1/2 чаша шлаг
- За украсување прелив (кај мене карамел) и чоколадни струготини
Подготовка
Мојата прва и никогаш незаборавена овошна салата беше во некогашниот Млечен ресторан на градот кој ги имаше најубавите десерти и пици. Не сум многу по овошјето, но таа често знаевме да си ја нарачаме и со сласт да си ја изедеме.
Поведена од сеќавањето на неа како импровизација се створи оваа овошна салата. Разликата е во тоа што таа содржеше мешавина од свежо и конзервирано овошје во компот и сокот, што го ставаа во неа, беше сокот од компотот. Јас решив да ја направам со ова овошје кое го имав при рака и излезе одлична комбинација со џусот од портокал, плус додатокот на свежо нане. Секако, чашата во која е сервирана е иста и задолжителниот шлаг одозрога.
Подготовка:
1. Исечкајте ги ситно праската и крушата. Капините, се разбира, одат цели.
Искинете ги на ситно ливчињата нане. Не користете нож, кинете со раце. Така аромата повеќе се осеќа.
2. Измешајте се заедно и сипете го овошјето во висока чаша со широк отвор.
Истурете го џусот и одозгора ставете го шлагот.
3. Украсете по желба. Јас ставив карамел сос и чоколадни струготини и уште по некое мини ливче мента.