Испечати

Питулици (мекици) од универзално тесто

Питулици (мекици) од универзално тесто

Состојки

  • 2 јајца
  • 1 коцка квасец
  • 1 лажица шеќер
  • 1 лажичка сол
  • 500 мл топло млеко
  • околу 900 г брашно
  • 3 лажици масло (и плус масло за пржење)

Подготовка

Кога го замесував тестото, не знаев за што ќе го употребам. Мислев еднаш да го замесам, па потоа ќе одлучам. Прв избор ми беа кифли, па си реков можам и едно мало козињаче да направам, но потоа си реков подобро да не пуштам рерна на горештиниве, ќе направам крофни. Наместо крофни, испадна да направам мекици. Првпат правам мекици од вакво тесто и слободно можам да кажам дека се закон, одлични, феноменални! Дел од тестото оставив за наредниот ден и за доручек направив уште неколку мекици. Немаше разлика ни во вкусот ни во нарастувањето на мекиците, само кога се користи тесто од фрижидер, треба да се извади на собна температура да поседи 1 час.

Подготовка:

1. Прво растворете го квасецот. Ставете го во малку млако млеко, додадете 1 лажица шеќер и оставете го 15тина минути да се раствори.
2. Потоа додадете ги останатите состојки (освен маслото). Вклучете го миксерот, со прикачени маталки за тесто и почнете да го матите тестото, постепено додавајќи од брашно. Кога ќе почне тестото да се оформува во топка, исклучете го миксерот и почнете да го месите со раката. Треба да добиете меко тесто кое ќе биде малку лепливо за раката. Покријте го со најлонска фолија и оставете го да нарастува на топло место, околу 1 час.
3. Потоа, откинете тесто, направете топче со големина на тениско топче, раширете го со прстите во кружна, не многу правилна форма и ставете да се пржи во загреано масло на средна температура. Доволни се по 2-3 минути од двете страни. Пржев во Делимано коперлукс тенџерето, идеално е за 1 мекица.
4. Готовите мекици ставајте ги на кујнска хартија. Употребете од тестото онолку колку што ви треба, останатото покријте го со најлонска фолија и ставете го во фрижидер. Искористете го во рок од 2 дена.
Мекиците сервирајте ги со сирење и кисело млеко.

*Забелешка: Ако тестото е многу лепливо, додадете малку брашно и домесете го. Ако е само малку лепливо, додадете масло.