Пица со тесто од црвена леќа и просо
Состојки
- тесто
- 230 гр црвена леќа
- 100 гр просо
- 15 лажици овесно брашно
- 1 мала главица кромид
- 4 чешниња лук
- 2 лажици маслиново масло
- 2 лажици мелен сусам
- 2 лажици мелено ленено семе
- 1 лажица мелени семки од тиква
- 1 лажиче сол
- ¼ лажиче црн бибер
- Фил
- 6 лажици доматно пире
- 1 лажица оригано
- 250 гр рендан кашкавал
- 2 домати
- 2 пиперки
- 15 маслинки
Подготовка
Сакајќи да го избегнам тестото од бело брашно, по неколку комбинации на вкусови дојдов до овој рецепт. Дефинитивно ни е омилен, па често е на наше мени. И да не сте љубител на леќа, пробајте го затоа што вкусовите се избалансирани и не се ни чувствува вкусот на леќа.
Подготовка:
1. Во длабок сад ја ставаме леќата претходно измиена со ладна вода. Додаваме вода да се прелие и ја оставаме околу 10 часа да отстои.
2. Просото го миеме со ладна вода и го ставаме во сад на оган, додаваме вода да се покрие и го вариме на средна температура со повремено мешање.
3. Во блендер го ставаме кромидот исечен на четвртинки и чешнињата лук, блендираме. Во блендерот ги додаваме отстоената леќа која ја цедиме од водата. Блендираме. Го додаваме свареното просо, блендираме.
4. Смесата ја ставаме во длабок сад. Ги додаваме солта, црниот пипер, мелениот сусам, меленото ленено семе, мелените семки од тиква и маслиновото масло. Мешаме со лажица. Во смесата го додаваме овесното брашно. Промешуваме.
5. Во плех обложен со хартија за печење ја распределуваме подеднакво смесата. Печиме во загреана рерна 10 минути. Го вадиме плехот и врз тестото премачкуваме со доматно пире и го додаваме ориганото. Го додаваме ренданиот кашкавал, па врз него ги редиме сецканите домати, пиперки и маслинки. Печиме на 180 степени уште 10-15 минути.