Симнел торта(Simnel)
Состојки
- 3 јајца
- 175 гр путер на собна температура
- 175 гр шеќер
- 175 гр брашно
- 5 гр цимет
- 50 гр бадеми
- 3 лажици млеко
- 130 гр цреши
- 100 гр суво грозје
- 100 гр сува брусница
- 300 гр марципан
- 3 лажици џем од кајсии
Подготовка
Симнел торта е традиционална Велигденска овошна торта, украсена со топчиња од марципан која се подготвува во Велика Британија. Тортата означува крај на велигденскиот пост. Бројот на топчиња од марципан е 11 што ги претставува Апостолите без Јуда. Јас ја подготвував по рецепт на познатата Mary Berry. Прекрасна арома се ширеше низ цел стан додека се печеше. Превкусна, овошна торта која многу ни се допадна, баш се радувам што ја подготвив за празничната трпеза.
1. Бадемите ги ситниме во блендер како брашно. Црешите кои ги користев во овој рецепт се од домашно слатко од цреши. Ги исцедив од течноста од слаткото во цедалка стоеја околу 30 минути и ги исеков на половина.
2. Во длабок ставаме јајца, путер, исечен на коцки, шеќер и брашно. Со дрвена лажица мешаме да се соединат сите состојки и да се стопи путерот. Додаваме цимет, мелени бадеми и млеко и промешуваме. Ги додаваме сувото грозје, брусницата и црешите. Мешаме со лажица.
3. Во кружен калап со дијаметар од 18цм, ставаме хартија за печење. Во него ставаме половина од смесата, ја израмнуваме со лажица. 100 гр од марципанот го расукуваме во кружна кора во големина колку кружниот калап. Марципанот го ставаме врз смесата во калапот. Врз марципанот ја ставаме преостанатата смеса.
4. Печеме во загреана рерна на 170 степени, 1 час и 45 минути. 35 минути печев без фолија, а после тоа ја покрив тортата со алуминиумска фолија.
5. Оставаме да се излади. Џемот од кајсии го ставаме во сад на оган да се загрее, со него ја премачкуваме тортата. 100 гр од марципанот го расукуваме во кружна кора во големина колку тортата. Марципанот го ставаме врз џемот. Од преостанатите 100 гр марципан формираме 11 топчиња. Ги ставаме врз тортата кружно, како венец, така што ставаме малку шербет врз кората од марципан, за да се залепат топчињата.
• Марципанот кој го користев е купечки во форма на топчиња.