Чорба од јарешки цревца и јарешко чкембенце
Состојки
- 1 пар јарешки цревца
- 1 јарешко чкембенце
- Зрна бибер, сол, ловоров лист, вода
- 1 морков
- 1 рака фиде
- околу 1.5 л вода
- Зачинување
- 1лажица вински оцет
- 1 јајце
- 6лажици јогурт
- 1лажица ситно сецкан , свеж магдонос
- сол, мелен бибер, зачин
Подготовка
Оваа чорба традиционално се подготвува во многу семејства за Велигденскиот ручек.
Во некои краеви наместо фиде, ставаат ориз. Бара време чистењето на изнутриците, но за љубителите на овој вкус вреди трудот.
Може да се додаде и од џигерчето, срцето, бубрезите ако ви треба поголема количина, за поголемо семејство.
1. Многу убаво треба да се исчистат чкембето и цревата. Чкембето најубаво се чисти на даска и се стружи со тапата страна на ножот. При тоа многу пати и се мие со вода.
Цревата со помош на стапче за ражничи се превртуваат, се чистат исто и се мијат неколку пати со вода.
2. Од кога се исчистени, без нечистотиии, изнутриците, може од цревцата да се направат и плетенки, мајка ми така ги плетеше, ама не ми одеше мене некако, се ставаат во тенџере, се додава вода, зрна бибер, ловоров лист, морков, сол, и се вари на тивок оган 1 час.
3. Потоа течноста се процедува низ цедалка.
Зајрето се сецка ситно, се става во течноста, по потреба се налива вода, се додава бибер, зачин. Од кога ќе зоврие се додава фиде и се вари уште 5 минути.
4. На страна се соединуваат состојките за зачинување.
Во тој сад се става 1 или 2 кутлачи течност, се промешува.
5. Во танок млаз се додава ова во тенџерето, а при тоа постојано се меша. Јајцето не смее да се подвари, туку чорбата треба да добие свиленкаст изглед. По желба се додава и лукче со оцет при конзумирањето.
Совет-Првата вода од кога ќе зоврие зајрето може да се фрли, па да се додадат сол, бибер или доколку за време на варењето има пена, треба да се одстрани со лажица