Ќофтиња во тесто
Состојки
- За тесто
- 380 гр брашно
- 20 гр свеж квасец
- 1 лажица сол
- 1 лажиче шеќер
- 1 јајце
- 200 мл млеко
- 30 мл масло
- За ќофтенцата
- 300 гр мелено месо
- 1 главица кромид
- 1 јајце
- 2 лажици презла
- 1 лажица масло
- зачини - мешан сув зачин, црн бибер, лук во прав, италијански зачини
- За одозгора
- 1 жолчка
- 20 гр доматно пире
- 1 лажица јогурт
- 30 мл масло
- свеж магдонос
- 300 гр кашкавал
Подготовка
Сакам да ви претставам една многу вкусна идеја за лежерно јадење, кое можете и со раце, но и на убава празнична трпеза да го истакнете, во сиот негов шарм како вкусен, така и визуелен. Ние едноставно уживавме.
1. Од состојките за тесто со претходно активиран квасец се замесува глатко тесто, користејќи ги редоследно состојките, каде со маслото го домесувате веќе формираното тесто.
Се покрива и се остава да стаса.
2. Во меѓувреме главицата кромид се ренда и заедно со состојките за ќофтенцата убаво се меси.
Оставете ја смесата околу половина час во фрижидер.
3. Потоа, од тестото кинете мали топченца (отприлика во големина на орев или малку поголеми), а исто така и од спременото мелено месо, иста бројка колку од тестото.
4. Секое топче расучете го во круг или расплескајте го со раце и во него ставете по едно ќофтенце. Завиткајте го кофтенцето со тестото.
5. Вака подготвени ќофтенца во тесто, се редат во подмачкана тава за печење (бр 28 чинам дека беше мојата), се оставаат 15 минути, па се премачкуваат со жолчката и на крај се ставаат да се печат на 190С.
6. Откако ќе заруменат, се вадат и се премачкуваат со мешавината од доматно пире, јогурт и масло, се наросува ситно сечкан магдонос и врз него рендан кашкавалот. Се враќа во рерна да се допече, односно да се стопи кашкавалот одозгора.