Велигденски солени венчиња
Состојки
- 1 кг. просеано бело брашно
- 1 пресен квасец
- 1 лажица сол
- 3 лажици шеќер
- 2 цели јајца
- 1 жолчка
- 150 гр. омекнат путер или маргарин
- 250 мл. топло млеко
- 250 мл. јогурт на собна температура
- За премачкување
- 1 белка
- 1 цело јајце
- по потреба сусам
Подготовка
Декоративни, убави, меки како душа.
1. Брашното се просејува во садот каде ќе месиме, се прави вдлабнатинка, се додава квасецот, една лажица шеќер и со дел од топлото млеко се активира квасецот.
2. Се додаваат сите останати наведени состојки и се замесува меко, сјајно, глатко тесто. Убаво се измесува и се остава на топло место да го дуплира волуменот.
3. Потоа без премесување, тестото се дели на 12 еднакви дела. Од секој дел со помош на намрсени дланки, на намрсена подлога се отвораат валјаци со должина околу 40 цм. Два по два ги се усукуваат. Значи, се добиваат 6 венчиња.
4. Се редат во плех на хартија, се премачкуваат со изматена белка со цело јајце и наросуваат со сусам.
5. Се оставаат да стасаат околу 30 мин..
6. Се печат на 200 степени, додека убаво поруменат, 20-25 мин.
7. После печење нежно се премачкуваат со вода, со помош на четче.
8. Се покриваат со памучна пацета и најлон. Пред конзумирање се оставаат малку да се изладат.
9. Се декорираат со велигденско јајце.
На здравје!