Ролат со спанаќ
Состојки
- За кора
- 6 јајца
- 1/2 лажиче сол
- 6 лажици масло
- 10 лажици брашно
- 1 пециво
- 500 гр. спанаќ
- За фил
- 100 гр. крем сирење
- 200 гр. рендано кравјо сирење
- 300 гр. рендана пилешка шунка или пилешко чадено филе
- 400 гр. кисела павлака
Подготовка
Мојот омилен солен ролат со спанаќ, верувам и на многумина од вас. Мошне вкусен, а сам по себе декоративен. Заслужува место на велигденската трпеза.
Подготовка:
1. Најпрво се подготвува спанаќот. Исчистен и измиен, се попарува со врела вода, се плакне со ладна, се цеди убаво. Се поминув низ раце со малку сол, притоа се гмечи и кине. Убаво се исцедува и се додава кон готова смеса од јајца.
2. За кората се матат јајца со сол, се додава масло, брашно помешано со пециво и на крај спанаќот. Се излева во плех на хартија.
3.Печењето е на 180, 10-15 мин., зависно од рерната, додека убаво порумени.
4. Се вади од плехот и се става помеѓу две влажни кујнски крпи. Се остава да се излади.
5. За филот се мешаат сите наведени состојки, со вилушка. Се нанесува филот на изладената кора.
6. Се витка убаво во ролат, се завиткува во фолија за свежо и се остава во фрижидер убаво да стегне и да се спојат вкусовите на филот со кората.
7.Се сечат парчиња со остар нож и се сервира.
На здравје!