Домашен ванилин шеќер
Состојки
- по желба(а и не мора воопшто) цимет, каранфилче, морско оревче
- 400гр шеќер
- 2 стапчиња ванила
Подготовка
Екстремно лесен начин како да добиете поубав ванилин шеќер од оној купечкиот, кој и не ванилин шеќер, туку шеќер со додадена вештачка ванила арома.
Едно ванила стапче е доволно за окулу 200гр шеќер, но ванила стапчињата обично се продаваат по две во пакување, па затоа во состојки пишав две.
Во теглата во која што сакаме да го чуваме шеќерот ја сипаме количината на шеќер која ја сакаме (200 или 400)
Секое ванила стапче се сече на половина ПО ДОЛЖИНА (од врв до дно) и со нож се гребе внатрешноста. Ванила стапчињата се тенки и суви, но во нив има црни ситни топчиња кои ја даваат аромата и тие црни топчиња ги ставаме во теглата со шеќер. Јас во тегалта ги оставив и стапчињата од кои ја изгребав внатрешноста, за подобра арома. Теглата се затвора и убаво се промешува. Ќе бидат потребни ден-два за да поприми арома шеќерот. Може да ја протресувате теглата по еднаш два пати на ден, за зрнцата ванила убаво да се промешаат со шеќерот.
Дозата е ЕДНО лажиче од овој ванилин шеќер како замена за едно кесиче.
Мене ми тргна, па во теглата збрцав и цимет и каранфилче, а богами и четврт лажиче морско оревче (за 500гр шеќер) и не е нормално колку е добар мирисот. Го додавам во секое благо јадење и .....дебела сум бе па што =))
Пробајте ја магијава и кажете ми како ви се допаѓа, а ако не ви се допаѓа ве молам воздржете се од мавање со патлиџани (јајца може, здрави се за косата) =))
ДОПОЛНУВАЊЕ:
Ванила стапчиња може да се најдат во сите поголеми маркети во делот кај зачините. Последен пат кога купував беа 160 денари(зависи од фирмата и пакувањето). Некои стапчиња се спакувани во кесичики, а некои во стаклена мала амбалажа која личи на епрувета. На главната фотографија може да се види како од прилика изгледа ванила стапче, а јас до вечер ќе ставам фотографија од цело ванила стапче :)