Испечати

Исусови венчиња

Исусови венчиња

Состојки

  • половина коцка свеж квасец
  • 300 мл топло полномасно млеко
  • 70 г путер
  • 2 јајца
  • 1 пакетче ванилин шеќер
  • 1/2 шола шеќер
  • 5 шоли брашно
  • 1/2 лажиче махлеб
  • суво грозје по желба
  • За одозгора
  • 1 разматена жолчка со 1 лажиче вода
  • шеќер за попрскување
  • После печење
  • вода за премачување
  • шарени мрвици

Подготовка

Овие венчиња или ѓевречиња ми беа вистинско задоволство да ги припремам. Иако е рано за Велигден, решив да ги направам и половината ги замрзнав, а останатите веќе се изедоа. Меки како памук, вкусот како козињак, воодушевена сум. Рецептот (со мала адаптација од мене) го најдов негде на фејсбук, а популарно се прават низ Европа. Венчето ја симболизира круната што ја носел Исус на крстот, а јајцата го симболизираат раѓањето и животот. Моите јајца се украсни, а за Велигден секако ќе ставам вистински јајца.

Големина на шолја е 250 мл

Подготовка

1. Млекото и путерот се загреваат додека не се стопи путерот. Оставаме малку да се оладат и ја додаваме половината коцка квасец, па шеќерот и промешуваме да се растопи квасецот. Нема потреба од активирање, додаваме малку сол, јајцата, брашното, махлеб и го вклучуваме миксерот со прикачените маталку за тестото и матиме додека не се изедначи се. На крајот го домесуваме тестото со рака, така ќе видиме дали е доволно меко. Кај мене немаше потреба ни да додавам вода ни брашно. Ако е премногу тврдо, додадете сосема малку вода и обратно, ако е лепливо, додадете брашно сосема малку. Покријте го тестото со најлонска фолија и оставете го да се дуплира, околу 1 час.

2. Откако тестото стасало го делиме на 12 топчиња и во секое додаваме суво грозје или ништо. Од секое формираме стапче со дланките, околу 15 см долго. Ги плетеме по 2 стапчиња и свиткуваме во форма на ѓеврече како што е прикажано на сликите.

Ги редиме во Делимано тава за печење, нема потреба од хартија ниту подмачкување и ги оставаме уште околу 20 мин да стасаат. Потоа ги премачкуваме со жолчката со водата, попрскуваме малку шеќер и ги ставаме во незагреана рерна вклучена на 180°Ц,.

Печење околу 30 мин, следете ја промената на бојата.
Откако ќе се испечат ги премачкуваме со вода и се наросуваат со шарени трошки. Оваа постапка се прави откако ќе се испечат бидејќи при печењето трошките би се растопиле. Во дупките се ставаат декорирани јајца.

На здравје и за многу години празниците!