Сладолед торта (Јубилеен 200-ти рецепт)
Состојки
- 650 мл Млеко
- 250 гр Шеќер
- 2 пакетчиња Желатин
- 100 мл Млеко - ладно
- 500 мл Млечна слатка павлака - хопла (растителна не)
- 150 гр Плазма бисквити (мелени)
- 300 гр Јагоди-свежи
- 50 гр Чоколадни мрвици
Подготовка
Почитувана екипа на Мои Рецепти, почитувани пријателки од оваа прекрасна страна и секако почитувани читатели на оваа страна. Овојпат за мојот 200-ти јубилеен рецепт се одлучив виртуелно да ве почастам со една Сладолед Торта, која е лесна и за правење и за јадење. Како член на оваа прекрасна страна сум од неодамна (поточно околу 10 месеци), меѓутоа од многу одамна сум присутна како верен читател на разноврсните прекрасни рецепти што се споделуваат тука секојдневно.
Подготовка -
1. Во 100 мл ладно млеко додадете желатин - мешате убаво, да се раствори и оставете го 10-ина минути да набабри. За тоа време ставете млеко (650мл) и шеќер да зовријат. Додадете го набабрениот желатин во зовриеното млеко. Измешајте убаво да се растопи. Оваа течност префрлете ја во друг сад (јас преку цедалка во случај желатинот да не е добро растопен - иако нема потреба за тоа) со цел побргу да олади.
2. Откако ќе биде изладена течноста со млеко и желатин, почнете со матење на слатката павлака во цврст шлаг. Тука додадете го изладеното млеко со желатин (пак преку цедалка) и матете кратко до хомогенизирање.
3. Добиената смеса поделете ја на 3 дела.
- во првиот дел, додадете мелени плазма бисквити.
- во вториот дел, додадете блендирани јагоди.
- во третиот дел, додадете чоколадни мрвици (може и рендано чоколадо).
4. Започнуваме со редење на тортата. Јас за таа цел користев округли калап број 26. Ставете го првиот дел со бисквити. Израмнете убаво и ставете го калапот во фрижидер за длабоко замрзнување 15-ина минути.
5. Сега ставете го вториот дел со јагоди. Израмнете убаво и пак ставете го калапот во фрижидер 15-ина минути.
6. На крај ставете го третиот дел со чоколадни мрвици. Покријте ја тортата со алуминиумска или стреч фолија и оставете ја во фрижидер за длабоко замрзнување.
7. Пред послужување оставете ја тортата на собна температура 5-10 минути, па сечете парчиња.
Совет - За полесно вадење на обрачот, можете со помош на фен да дувате 1-2 минутки кон обрачот, па да го тргнете.
За крај сакам да се заблагодарам за трудот на членовите од тимот Мои Рецепти кои ни го овозможуваат ова прекрасно дружење. Исто така голем поздрав и за сите готвачи на Мои рецепти и секако за верните читатели кои верувам дека не следат секојдневно со нетрпение за секој нов објавен рецепт!