Испечати

Сараевска баклава со тирит и ореви

Сараевска баклава со тирит и ореви

Состојки

  • Состојки за тирит-100гр путер, 1 помало јаце, 120-140 гр брашно
  • 500гр танки кори за баклава
  • 250гр путер
  • 350гр мелени ореви
  • шербет
  • 900мл вода
  • 900мл шеќер
  • сок од лимон

Подготовка

Драги мои, кога бев во Сараево мојата драга пријателка Емира спремаше баклава за Рамазан.
Тогаш прв пат се сретнав со ТИРИТ за баклава.
Емира вели дека посебен вкус на баклавата и дава тирит помешан со ореви.
Некогаш тиритот се ставал во замена за ореви, но се согледала неговата совршена вклопеност заедно со оревите и од тогаш се прави баклавата на таков начин до ден денес, а така приготвената баклава има посебен шмек .
Но како и да се спреми тиритот може да се додава во баклави, ѓул пита, ружички......и други попарени колачи.
Се уверив, ја пробав , па еве денес ќе ви ја презентирам мојата подготовка.
Тиритот претставува спој на путер, јајце(или само жолчка) и брашно.
Обично жените го спремале тиритот ден порано пред подготовката на самата баклава.
Постојат 2,3 начини на спремање тирит.
Според првиот начин јајцето се мати кратко, па се додава растопениот путер.
Постепено се додава брашно и се трие меѓу прстите, односно се прават трошки (како тарана)
Не се става одеднаш цело брашно, туку постепено.
Се остава малку да се просуши, па може да се помини и низ гергев, со цел да нема поголеми грутчиња.
Другиот начин на подготовка на тирит е следен.
Се зема ладен путер, се сече на мали коцки, му се додава жолчка ( или цело јајце) и постепено брашно.
Се трие меѓу дланките и се формираат трошки.
Вака приготвениот тирит се става во тепсија и се печи во релна на 180 с со повремено мешање, при тоа водејќи сметка да не потемни.Кога е изладен повторно се трие со рацете.
Јас го спремив на следниот начин.
Во сад се става едно јајце и 100 гр путер.Со вилушка се промешуваат.
Постепено се додава околу 120 гр брашно при тоа се формираат трошки.Може малку да се помини и на крупно ренде.
Го распослав на тепсија и го просушив 10 саати.Потоа го споив со мелените ореви.
Редење на баклавата.
На тивок оган се става да се растопи путерот.При тоа се одстранува пената која ја испушта.
На дното на мала ростер тава се става една кора, се попрскува со растопениот путер, повторно кора, се попрскува, па трета кора.
Врз третата кора малку се попрскува и се става по една рака од мешавината на ореви и тирит.
Постапката продолжува понатаму исто.
Кога сме на крајот и кога имаме уште 2,3 кори, не попрскуваме, туку со четка ја мачкаме целата кора со маснотија.
Вака спремената баклава ја сечиме со скалпер или нож.
Ја оставаме да одстои 30 минути.
Ја вклучуваме релната на 140-150 с, значи на тивко и ја печиме баклавата околу 1,5-2 часа.
Спремана баклава со тирит бара подолго време на печење, но на тивко.
За тоа време го вариме шербетот.Нека крчка на тивок оган околу 12-15 минути.
Млаката баклава ја попаруваме со млак шербет.
Не го истураме цел одеднаш, туку во два наврати.
Почнуваме од крајчињата на баклавата кон внатрешноста.
Нека постои така 15 минути и постапката ја повторуваме уште еднаш.
Никако не ја покриваме со некој друг предмет( за да остани крцкава) и ја оставаме барем 7 часа.
Потоа ја сервираме и уживаме во прекрасниот вкус.