Испечати

Грисини - „Grissini „

Грисини - „Grissini „

Состојки

  • 300 гр Брашно
  • 150 мл Вода (млака)
  • 50 мл Маслиново масло
  • 1 м.л. Сол
  • 2 гр Сув квасец
  • за премачкување - малку маслиново масло
  • за посипување - сусам, сол, црвен пипер, оригано, зачини и семиња по вкус

Подготовка

Овие италијански Grissini всушност во буквален превод се лебни стапчиња, бидејќи се прават од тесто како за леб, само на поинаков начин. Како долги, тенки, крцкави стапчиња кои во Италија се служат со вино и многу често ги ставаат на трпезата на секоја дегустација на вино и пред секој оброк.

Подготовка:

1. Во брашното додаваме сол и суви квасец и промешуваме. Ги додаваме водата и маслиновото масло и замесуваме меко и нелепливо тесто. Тестото го покриваме со стреч фолија и го оставаме во рерна со запалена сијаличка 2 часа (да го дуплира волуменот)
2. Начинот на изработка на тестото е на 2 начини - првиот е тестото да се подели на топчиња од по 20 гр, па тие да ги формираме во стапчиња, а другиот е тестото да се расука на набрашнета површина во тенка кора, па да се исече на ленти кои ќе ги формираме како стапчиња. Јас ги направив според првиот начин.
3. Тестото го поделив на топчиња (околу 30). Секое топче го формирав како помало ваљаче, па потоа како тенко и долго стапче - околу 25 см.
4. Ги редиме во плех врз хартија за печење. Ги премачкуваме со маслиново масло, па им ставаме семиња по избор (ако не сакате и не мора ништо да ставате - оставете ги така)
5. Веднаш ги печеме во загреана рерна на 200 степени до поруменување - околу пола час, ама сепак вие одлучете колку сакате да ви бидат печени.
6. Ги вадиме врз решетка да изладат.
7. Доколку ви останат чувајте ги во херметички затворен сад, меѓутоа јас верувам дека ќе ги изгрицкате веднаш, исто како ние.

На здравје!