Испечати

Крем чорба од крап со икра и ореви

Крем чорба од крап со икра и ореви

Состојки

  • крап главата и уште некое парче
  • 2 моркови
  • 2 лажици брашно
  • 1 лажица гриз
  • икра доколку има во крапот
  • половина лимон
  • 1 рака јатки
  • сечкан магдонос
  • 1 компир

Подготовка

Ова е дефинитивно највкусната чорба од риба. Сум правела и поинакви и мислев дека се убави, но откако ја пробав по овој рецепт, сите останати рецепти што ги знаев, ги заборавив.
Едноставно е, но е извонредна.
Секогаш кога пржам крап, главата ја оставам за чорба. Но најубаво е да има и од другиот дел од крапот едно парче до две. Рибата се става во тенџере да зоврие. Штом зоврие, првата вода се истура. Се додава нова вода и се остава да зоврие. Рибата неверојатно брзо се вари, нека поврие десетина петнаесет минути.
Со лажица решетка се вадат парчињата риба и убаво се чистат (се требат) од коските. Водата два пати се цеди преку цедалка за чај.
Во друго тенџере се рендаат морковите и во масло се пржат до подгорување, убаво да пуштат боја. Се додава брашното и гризот и убво се пропржува. Кога ќе престане да се пени, се додава исцедената вода и се остава да зоврие. Компирот сечкан на ситни коцкички се додава во чорбата. Икрата од крапот се толчи со толчник во дрвен ваган. За поубаво да се разбие, се додава сок од половина лимон. Последно се додаваат и оревчињата кај икрата и се толчат и тие заедно. Добиената смеса се претура во тенџерето што врие, се зачинува чорбата со зачин сол и бибер по вкус. . Чорбата е готова кога се варени компирчињата. Се наросува магдонос.