Испечати

Никулци од леќа

Никулци од леќа

Состојки

  • 4 лажици леќа

Подготовка

Никулците се здрав зеленчук, полн со хранливи материи, витамини, минерали и антиоксиданти во проценти што ги надминуваат повеќето зрели зелени зеленчуци. Иако составот варира од видови до видови, тие обично содржат високи нивоа на калиум, железо, цинк, магнезиум, бакар, со изобилство на аминокиселини, влакна, ензими и антиоксиданти .
Може да изртите никулци од пченица, сусам, грашок, леќа.
Јас 'ртев никулци од леќа кои содржат белковини, цинк, фосфор, манган, селен, железо, витамини А, Б, Ц и Е. Постапката е леснa, ќе ви одземе малку време во текот на денот, а севкупно се потребни 3-4 дена додека не добиете никулци.

За целиот процес ви е потребна чиста стаклена тегла, парче газа за да се прекрие отворот на теглата, ластиче и 4 лажици леќа.

1. Леќата ја ставаме во теглата, ја плакнeме под млаз ладна вода, ја цедиме и ја полниме со чиста ладна вода до половина, да бидат прекриени зрната леќа и да има над нив. Го ставаме капакот врз неа, но не затвораме и оставаме 10-12 часа да стои (преку ноќ).
2. После тоа ја цедиме леќата, ја миеме со млаз ладна вода. Врз отворот од теглата ставаме парче газа и ластик за да ја прицврстиме газата. Теглата ја вртиме со делот каде што е газата надолу и ја потпираме на нешто за да не биде тој дел целосно затворен , да може да се исцеди преостанатата вода. Оваа постапка ја правиме 3 пати во текот на еден ден, 3-4 дена. При секое миење на никулците, теглата убаво ја тресеме да истече целата вода од нив, со цел да нема вода внатре , само потребна влага за да може да 'рти.
3. Готови се кога ќе се појават мали зелени ливченца и цела тегла ќе виде исполнета со нив . Тие ќе бидат заглавени меѓу себе. Измијте ги, исцедете ги и чувајте ги во тегла во фрижидер.

Може да ги ставате во вообичаената салата која ја правите, врз парче здрав леб премачкан со хумус, во тортиљи, врз здрави палачинки. Изборот е голем.