Испечати

Вулкан семифредо торта (јубилеен 500-ти рецепт)

Вулкан семифредо торта (јубилеен 500-ти рецепт)

Состојки

  • Пандишпан
  • 5 јајца
  • 150гр. брашно
  • 180гр. шеќер
  • 50гр. путер
  • 30гр. какао
  • 5гр. пециво
  • Семифредо
  • 400мл. млечна слатка павлака( плус 100мл. за премачкување на семифредото)
  • 250гр. маскарпоне
  • 80гр. шеќер во прав
  • 3-4 лажици мармалад од портокали
  • 50гр. кандирана кора од портокал
  • Сируп
  • 1 чаша (од 200мл) вода
  • 2 лажици шеќер
  • 2 лажици мармалад од портокал
  • 2мл. рум екстракт
  • Декорација
  • 1-2 портокали

Подготовка

Ете, по осум ипол години присуство на сајтов стигнав до мојот 5-ти јубилеј. Му се радувам исто како и на првиот. Љубовта кон готвењето е голема и токму таа не држи овде заедно со години. Некогаш поактивна со рецепти, некогаш помалку, но секогаш ги следам сите рецепти и кога сум во можност оставам и коментари. Благодарам на тимот на Мои Рецепти што ни го овозможи ова катче за дружење и споделување на искуства од кујната. Јас лично научив многу . Кога започнав со споделување на рецепти на сајтов бев почетник во кујната, но следејќи ве вас драги пријателки сега полесно се снаоѓам. Благодарност и до сите посетители на сајтов кои ги следат нашите рецепти, нашата работа и труд во кујната. Навраќајте секогаш на сајтов, вистиско богатство од рецепти. Оваа торта ја направив за двоен повод. Секако јубилејот, но и мојот роденден Се надевам ќе ви се допадне.

1. Пандишпан- Изматете ги пенесто јајцата и шеќерот. Потоа во млаз( матејќи со мала брзина ) додајте го растопениот и оладен путер. Потоа додајте ги просеаното брашно, какао и пециво. Мешајте со шпатула или дрвена лажица во еден правец. Изматената смеса ставете ја во калап(24цм) премачкан со путер. Печете на 180 степени, околу 40 минути. Оставете убаво да се олади во калапот. Потоа извадете го и исечете го на 3 дела.

2. Сируп- Зовријте ги водата и шеќерот. Додајте го мармаладот и мешајте да се растопи. Потоа додајте го рум екстрактот и оставете да се олади.

3. Семифредо- Маскаропнето изматете го со шеќерот во прав. Посебно изматете ја слатката павлака, па додајте ја во садот со маскарпонето. Изматете за убаво да се соединат состојките. Обложете со најлонска фолија стаклен округол и длабок сад(20цм).

4. Ставете половина од смесата. Одозгора нанесете го внимателно мармаладот и ситно сецканата кандирана кора од портокал. Потоа ставете еден диск од пандишпанот и убаво попрскајте го со сирупот. Одозгора нанесете ја другата половина од смесата. Покријте со најлонска фолија и ставете во замрзнувач најмалку 3-4 часа.

5. На подлога за торта ставете 1 диск пандишпан. Попрскајте го убаво со сирупот. Премачкајте го со мармалад. Одозгора ставете го семифредото и премачкајте го со изматена слатка павлака. Преостанатиот диск исечете го на 12 триаголници. Секој триаголник пандишпан премачкајте го со сирупот и нанесете ги врз семифредото. Декорирајте со парчиња портокал.

Совет
Доколку не сакате веднаш да ја послужите, може да ја направите и да ја чувате во замрзнувач(без портокалите). Кога ќе сакате да ја послужите извадете ја да отстои 1 час на собна температура или 2 часа во фрижидер.