Пити Пастрмајлии (тесто со јогурт)
Состојки
- 250мл вода (млака)
- 250мл јогурт
- 30гр квасец
- пола мала лажичка шеќер
- 2 мали лажички сол
- 2 големи лажици зејтин
- околу 750гр брашно
- 500-600гр свинско месо (кртина)
- малку сало
- 4 јајца
Подготовка
Дефинитивно за мене најдобриот рецепт за тесто за Пити, од јогуртот се толку меки и посебно вкусни. Вообичаено ги правев замесени само со вода, но на овој начин се неспоредливо повкусни. Пастрмајлиите се прават со додавање на пастрма (одтаму им е името) ама бидејќи ние дома не јадеме пастрма, јас не ставам.
1. Пред да започнеме со замесување на тестото, го спремаме месото. Го сецкаме на мали коцкички, посолуваме, додаваме црн бибер, црвен пипер, зејтин...мешаме убаво и го оставаме во фрижидер (може и одвечер)
2. Квасецот го активираме со додавање на шеќерот, топлата вода и 2-3 лажици брашно. Потоа замесуваме меко и нелепливо тесто со додавање на останатите состојки. Го оставаме покриено на топло место да стаса.
3. Стасаното тесто го делиме на 4 дела. Од секој дел на набрашнета маса ја формираме питата, ја ставаме во плех врз хартија за печење, го редиме месото одозгора и ставаме по малку сало. Ги покриваме со чаршафче додека да се загрее рерната.
4. Печеме во загреана рерна на 250 степени до благо заруменување, па ставаме по 1 јајце (ако сакате може и две) на секоја пита одозгора, и враќаме уште кратко да се запече јајцето.
5. Испечените пити ги премачкуваме на витката со сало и ги покриваме само со чаршафче да истинат 10-на минути.
На здравје!