Подварок со свинско месо во рерна
Состојки
- 1 главица стасана зелка
- 2 лажици црвен пипер
- по потреба масло и вода
- 500 гр. свинско месо удина
- 1 рака ориз
- 1/2 лажичка црн пипер
Подготовка
Додека сеуште има сторена (стасана) зелка, направив подварок со свинско месо, по желба на сопругот.
Вообичаено во подварок не се става ориз, но јас ставив малку.
1. Сторената зелка ја разделуваме на листови, ги отсекуваме потврдите делови, сечиме на покрупни парчиња, ги ставаме во пекач. Ставаме масло и 1 лажица црвен пипер, малку расолница колку да ја покрие зелката, и пекачот го ставаме во рерна на 200 степени.
2. Свинското месо го сечкаме на коцки, го ставаме во тава со малку масло и вода, пржиме додека да испари сета течност. Потоа месото го посолуваме и го пржиме додека да порумени.
3. По околу 1 час крчкање, пекачот го вадиме од рерна и го додаваме прженото месо, оризот, црниот бибер и уште 1 лажица црвен пипер, мешаме се`заедно, покриваме со алуминиумска фолија и враќаме во рерна.
4. Пак по околу 1 час пекачот го вадиме од рерна, ако има малку течност поради оризот дотураме млака вода, мешаме и без фолија подварокот го потпечуваме уште некое време по наша проценка.
Забелешка
Сол не ставив бидејќи зелката беше доволно солена.
Ако имате сторена зелка која е малку повеќе солена, наместо расолница ставете само млака вода по потреба.
Наместо свинско месо во подварокот може да ставите пушена сланина или пушени ребра.
(514)