Испечати

Сникерс торта - јубилеен 500-ти рецепт

Сникерс торта - јубилеен 500-ти рецепт

Состојки

  • За кора
  • 10 белки
  • прстофат сол
  • 250 гр. шеќер
  • 1 ванила
  • 100 гр. брашно
  • 150 гр. печени несолени кикири
  • 1 пециво
  • 2 лажици просеано какао (рамно полни)
  • 100 мл. ладно млеко за попрскување на кората, а може и чоколадно
  • Карамел фил
  • 250 гр. шеќер
  • 500 мл. млеко
  • 2 пудинзи од ванила
  • 125 гр. путер
  • 100 гр. млеко во прав
  • 150 гр. сецкани, печени несолени кикири
  • Чоколаден фил
  • 1 л. млеко
  • 5 ванили
  • 250 гр. шеќер
  • 10 жолчки
  • 4 пудинзи од ванила или 160 гр.
  • 200 гр. путер
  • 2,5 дл. слатка павлака
  • 200 гр. црно чоколадо со висок процент на какао
  • Ганаш
  • 200 гр. црно квалитетно чоколадо за готвење
  • 300 мл. слатка павлака

Подготовка

Еве ме и мене со мојот петти јубилеј! Се радувам што го заокружив овој број на рецепти, чест ми е што сум еден од готвачите на оваа страна, која стана секојдневие во мојот живот. Морам да се заблагодарам на тимот на Мои Рецепти, прекрасни, посебни, секогаш знаат како да мотивираат и препознаат вложен труд.... Вам, почитувани читатели на моите рецепти, мило ми е што ви се допаѓаат рецептите и многу сте ми пишале дека сте ги подготвиле, ме радува.

Многу ми значи и подршката од вас драги готвачки, виртуелни пријателки :) Дружбата продолжува тука и што побрзо да помине ова време-невреме и да си направиме една средба... Секогаш јубилејниот рецепт ми е благичко, торта. Така и овој, се одлучив да биде рецептот за роденденската торта на мојот сопруг, чии роденден беше на почетокот на месецов. Сите ги воодушеви, а највеќе славеникот!!!

Па еве вака
1.Најпрво се спрема кората, стандардно, се матат белките во цврст шам со шеќерите, па се додаваат другите состојки и се излева во плех 32 на 39 цм., а се пече на 180 околу 20 мин., во претходно загреана рерна. Се остава да подизлади, да биде топла и се попрскува со млекото.
Кората се сече на 3 ленти. При филувањето ставам 2, а од третата добивам гратис парчиња, се уочува на дополнителните фотографии. Тортата е богата со фил и излегува солидно висока, така да за трета кора нема потреба, ќе дојдат многу големи парчињата.

2. Карамел фил
Се топи шеќерот до втечнување.
Штом смени боја и цел е втечнет го тргаме од рингла .(Внимаваме да не биди тоа многу, па покасно да горчи.) Му додаваме 300 мл. млеко и враќаме на тивок оган додека се стопи. Потоа го додаваме пудингот растворен во 200 мл. млеко. Се покрива со најлонска фолија и го оставаме да излади.
Го матиме путерот отстоен на собна т. со млекото во прав. Соединуваме со пудингот. Ги додаваме и кикирите.

3.Чоколаден фил
Се спрема стандардно, пудинзите се раствораат во 250 мл.млеко, а остатокот со шеќерот и ванилите се зоврива. Жолчките се матат и мешаат со пудинзите. Се додаваат во зовриеното млеко. Се вари до потребната густина. Се трга од оган. Во жешко се додаваат путерот и чоколадото. Се меша и се остава да се излади. Во целосно ладно, изматена слатката павлака се вмешува со лажица.

4.За ганашот
Загреаната павлака без да зоврие, се истура врз чоколадото и се меша додека се стопи, изедначи.

5.Финална постапка
-кора-карамел фил-чоколаден фил
-уште еднаш се повторува постапката и се прелива/мачка со ганашот.

Уживајте!!!